Режимот на Никола Груевски е заслужен што незаконски извадил над пет милијарди евра од државата и незаконски прислушувал повеќе од 25.000 граѓани, додека бизнисмените биле принудени да му плаќаат „рекет“ на режимот. Во тој период редовно се произведуваа меѓуетнички конфликти кои внесуваа несигурност и страв кај граѓаните. Имаше огромно богатење на Груевски и поединците околу него, се посочува во најновата анализа на Меѓународниот институт ИФИМЕС.
ИФИМЕС во анализата со наслов „Северна Македонија 2021: Албанците ја предаваат државата во руски раце?“, потсетува дека, иако беше осуден на две години затвор, Никола Груевски избега од земјата и најде засолниште и политичка заштита кај унгарскиот премиер Виктор Орбан (ФИДЕС). Според ИФИМЕС, „некои премиери од редовите на Европската народна партија (ЕПП) работат на враќање на Груевски во Северна Македонија и му даваат нескриена поддршка на Груевски, додека дел од македонските пари ограбени од режимот на Груевски се инвестираат во нивните земји“.
„Разузнавачките служби открија и лоцираа повеќе од 160 медиумски портали, кои произведуваат (лажни вести) и скандали со намера да предизвикаат хаос и да ги дискредитираат пред се премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Ова е поврзано со Адинамик Медиа, компанија која води веб-страници кои ја поддржуваат опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Адинамик Медиа е поврзана со унгарската јавна телевизиска мрежа Magyar Televizo (MTV), која ја фаворизира водечката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан“, пишува ИФЕМЕС во анализата.
ИФИМЕС посочува дека анализата покажала дека „Сашо Мијалков и Орце Камчев имале контрола врз целиот судски и полициски систем во Северна Македонија, со исклучок на обвинителите Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кои досега имаа клучна улога во заштитата на уставот, редот и правниот систем во државата“.
Според ИФИМЕС, во притисоците и заканите за работата на институциите и носители на клучни функции бил вклучен и синот на Сашо Мијалков.
„Затоа, приоритет е конечно да се разбие режимот Груевски-Мијалков-Камчев“, со заклучува во дел од анализата на ИФИМЕС.