Во фокусот на денешниот ден во Македонија се лидерската средба и очекувањата за решение со спорот за името. Во јавноста уште се кометира за можното, ново, име на државата Република Илинденска Македонија.
Лидерската средба се одржува денеска попладне, а свое присуство најавија претседателот Ѓорѓе Иванов, претседателот на Собранието, Талат Џафери и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски. Премиерот Зоран Заев очекува дека има шанса за консензус за името меѓу сите страни на лидерската средба, но и Грција. Пред Клубот на пратеници во исто време мала група луѓе протестираат против преговорите за промена на името на Македонија.
Од друга страна, со реакција и повик за смирување, самоуверено, излезе Единствена Македонија, која објасни дека нема шанси до јули да се промени името или пак, Македонија да влезе во НАТО. Ист така, предупреди дека сите што се против индентитетот и името на Македонија ќе одговараат.
Движењето Беса на Биљал Касами даде поинакво образложение за предлогот Македонија да биде и Илинденска. Во нивното соопштение велат дека ваквото име е неприфатливо затоа што фаворизира само една етничка група, со што се исклучуваат Албанците. На тоа укажува и фактот, како што велат од оваа Беса, дека на лидерската средба е поканета само македонската страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Огорчени, пак, ВМРО-ДПМНЕ, денеска освен со името, се фокусираа и на поранешниот лидер Никола Груевски и очекувањето на пресудата во случајот „Тенк“. Тие обвинија дека правосудството е корумпирано и селективно, а за споредба го посочија предметот „Поткуп“ во кој е обвинет Зоран Заев.
Во врска со името грчкиот премиер Алексис Ципрас ги извести сите политички фактори во Грција и за состанокот и разговорот со Заев во Софија и за разговорите во Македонија за Република Илинденска Македонија.
Фокусот на оние што гледаат малку подалеку од Македонија и македонските прашања е свртен кон кралската венчавка меѓу принцот Хари и Меган Мергл што и на македонските електронски медиумите можат да ја проследат во живо.
Биљана Јордановска