ВЕСТ НА ДЕНОТ
Преживеан од трагедијата во Бугарија изјавил дека спасил осум лица, а не седум
Портпаролката на главниот обвинител на Бугарија Сијка Милева, денеска на прес-конференција со заменик-јавниот обвинител на Бугарија Борислав Сарафов изјави дека на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела.
Таа информира дека се сретнала со преживеаниот маж кој и раскажал како го скршил стаклото на автобусот и рекол дека спасил осум лица, а не седум.
– Ние пронајдовме 44 трупа, а тој категорично изјави дека се спасени осум лица. Јас му реков вие сте седум во болницата. И тој категорично ми рече не, ние се спасивме осум лица. Во текот на истрагата, беа пронајдени 44 трупа. Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот, истакна Милева.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Жените жртви секогаш знаат дека се демнети, не мора тоа да биде само со физичко следење
„Позитивно е тоа што демнењето е ставено како посебно кривично дело кое беше предложено од Владата и тој текст треба да влезе во собраниска процедура. Ние правиме добри закони и постојано ги унапредуваме на хартија, меѓутоа треба да се имплементира и во пракса.
Најбитно е полицијата да ги препознае жените жртви, па ќе ја испроцесира пријавата до Јавното обвинителство за да следи истрага. Жртвите секогаш знаат дека се демнети, не мора тоа да биде само со физичко следење. Може да биде и со оставање писмо, уништување имот, да се појавува на места каде што жртвата се движи…“, Елена Димушевска, извршна директорка на Национална мрежа против насилство на жени и семејно насилство, во интервју за ЦИВИЛ Медиа (17 септември 2021 година).
ФЛЕШ ВЕСТИ
ГОВОР НА ОМРАЗА Бугарската полиција привела 24-годишен маж, кој објавувал коментари на Фејсбук, поврзани со трагичната несреќа со патничкиот автобус на автопатот Струма, некомпатибилни со моралните и етичките норми.
ИДЕНТИФИКАЦИИ Главниот бугарски обвинител Иван Гешев, во придружба на истражители, денеска доаѓа во Скопје за лично да поднесе барање за правна помош до Обвинителството во Северна Македонија. Бугарските обвинители треба да добијат ДНК профили од роднини на загинатите во автобуската несреќа заради идентификација на жртвите.
ПРЕЖИВЕАНИ Сите пациенти повредени во автобуската несреќа на автопатот Струма се во стабилна општа состојба, и нема опасност по нивните животи, соопштија денеска од болницата „Пирогов“.
ОСТАВКА СДСМ утревечер треба да одржи состанок на Централниот одбор, кој поради тридневната жалост беше одложен, а на кој се очекува оставка на претседателот на партијата и премиер Зоран Заев.
ПРАВДА Кривична пријава против лицето С.А.(36), раководител во Центар за вработување при АВРМ, денеска поднесе Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, предвидено и казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
ИНТЕРВЈУ
Димитриевски: Живееме во црно-бел свет во којшто партиите се на прво место
Општата оценка на изборниот процес на Локалните избори 2021, текот на изборниот ден, како и согледувањата во постизборниот период беа темите на кои ЦИВИЛ Медиа разговараше со градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.
Мургашанска: Гласачите во општина Куманово беа доведени во заблуда
Општата оценка на изборниот процес на Локалните избори 2021, текот на изборниот ден, како и согледувањата во постизборниот период беа темите на кои ЦИВИЛ Медиа разговараше со координаторката на Советничка група на СДСМ во Советот за Куманово, Атина Мургашанска.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Уште зборовите на Хусеини вчера утрината недоискажани, Министерството за транспорт ја одзема лиценцата за дејност на „БЕСА Транс“, а инспекциските органи (Секторот за професионална одговорност) на самата Царина „упаднаа“ на граничниот премин Деве Баир за вонредно да провери кога, колку пати и во кои царински смени неодредено време наназад ова возило транзитирало од Македонија кон Бугарија, иако не ги поседувало неопходните документи (два од пропишани три) за меѓународен транспорт.“, Сашо Орданоски во колумната Кој кого вози во Инспекторатот за транспорт?.
„Таквата судбина оваа термоцентрала со руска технологија ја имаше во стартот – замислена дека ќе го напојува индустрискиот гигант „Фени“ уште во времето кога „Господ одеше по земја“, односно кога имавме на пазарот евтин мазут, таа веднаш не успеа да биде атрактивна, се додека не падна одлука на почетокот на овој век да се продава на некој странски понудувач. – инвеститор во нејзина работа, по можност на поинаков погон.“, пишува Љубомир Костовски во колумната „Манџурискиот“ енергетски кандидат од Бугарија пред 15 години ја постави на глава нашата инвестициска привлечност.
Д. Тахири