Бројот на настраданите во трагичната несреќа на автопатот во Бугарија, како и во претходни несреќи, беше предмет на шпекулации и дезинформации. Дали се 44, 45, или 46 жртви? Без да заврши официјално идентификувањето на телата на настраданите, во моменти кога нивните семејства а и јавноста се под силни емоции, дел од медиумите градеа интерпретации и објавуваа неточни податоци за бројот на жртвите. Во некои од објавите, медиумски настрадаа и преживеаните.
Таков е примерот со написот на Инфомакс со наслов „Познат идентитетот на зaгинaтите во автобуската нecpеќа во Бугарија“ објавен на 23 ноември 2021, во кој се тврди дека: „Алсат телевизија ги објави имињата на настраданите во автобуската несреќа која што се случи во Бугарија“.
Меѓутоа, Алсат не ги објави имињата на настраданите, туку списокот на сите 52 патници кои се превезувале со автобусот. Иако насловот на Алсат е јасен „Список на патници кои се превезувале со автобусот кој изгоре во Бугарија“, а беше познато и дека сите 52 патници не настрадале, Инфомакс објави список од 52 имиња со наслов „познат идентитетот на зaгинaтите“ и со опис „имињата на настраданите“.
Практично, Инфомакс ги прогласи за настрадани и преживеаните патници од несреќата, што е тешка дезинформација и скандалозно непочитување на новинарскиот кодекс.
Го издвоивме овој пример како најбрутален, иако критика заслужуваат и другите медиуми што шпекулираа со бројката на настраданите без целосно завршена идентификација на телата. Тоа е спротивно на етичките стандарди, но и нехумано, особено кон семејствата на жртвите. Да се надеваме дека ваквите трагедии и начин на известување ќе ги гледаме што помалку.
Автор и водител: Петрит Сарачини
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Стручен соработник на сценарио: Жарко Трајаноски