ЦИВИЛ – Центар за слобода ја засилува иницијативата „Барам одговор!“. Идејата е иновативна, преку видео или селфи видео, граѓанките и граѓаните да постават прашање на политичар/политичарка или јавна личност, градоначалник/градоначалничка, институции (здравство, образование, полиција, труд и социјала…), буквално, на сите надлежни органи и лица кои сметате дека треба да дадат одговор во однос на некое прашање кое ги засега, а снимката ЦИВИЛ ќе ја објави на своите онлајн канали.
Доколку граѓан(к)ите сакаат да останат анонимни, оставена е опција да се снима објект или некоја ситуација, додека се поставува прашањето.
На Фејсбук страницата на ЦИВИЛ веќе излегоа неколку видеа во кои граѓаните поставуваат прашања до институциите со прашања кои, на пример, се однесуваат на подобрување на здравството во Македонија, на иднината на младите, како и промотивното видео со кое се повикуваат граѓанките и граѓаните да проговорат, да снимаат и фотографираат, со овозможен слободен простор на онлајн каналите на ЦИВИЛ, за јавен притисок кон институциите што често се глуви за проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
„Одберете еден политичар/политичарка или јавна личност кому би му поставиле прашање. Прашањата пратете ги во видео формат (селфи видео) на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, Фејсбук страницата на граѓанските новинар(к)и (приватна порака) или на [email protected].
Прилозите во кои не се гледа ликот на авторката/авторот, се подразбира дека ќе бидат анонимни, а ЦИВИЛ нема да го открие идентитетот. Во секој случај, ЦИВИЛ мора да го знае идентитетот и контактот на поставувачот на прашањето, кои секако, нема да ги открие.
Приклучете се на Инцијативата „Барам одговор“ денеска!