Судир меѓу косовската полиција и некои осомничени се случи денеска на северниот дел на Косово.
Косовската полиција преку соопштение објави дека денеска на 23 јануари во Бистрица, Лепосавиќ, на пунктот била распоредена полициска единица со службени задачи, со цел одржување на редот и јавната безбедност.
„Полициската единица која се наоѓала на контролниот пункт, додека ги извршувала своите полициски задачи, се обидела да го запре автомобилот, кој при движењето удрил во возилото на косовската полиција, при што директно ги загрозил животите на полициските службеници, кои за да ја неутрализираат опасноста по нив пукале со огнено оружје“, се вели во соопштенијето на косовската полиција.
Канцеларијата на Владата на Србија за Косово тврди дека припадници на косовската полиција РОСУ пукале во автомобил на магистралниот пат Митровица – Лепосавиќ, притоа ранувајќи едно лице за кое се наведува дека е од српска националност. Повредениот е погоден во левата страна на градниот кош и со прострелна рана е итно транспортиран во болницата во Краљево.
Н. А.