Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска изјави дека Јеменците ќе ги натераат агресорите на нивната земја да зажалат за своите постапки.
Заканата е упатена кон Саудиска Арабија која воено интервенира во Јемен.
– Јемен ќе биде ослободен од агресорите. Јеменскиот народ ќе направи агресорите да зажалат за нивните дејствија, изјави Рохани.
Иран и Саудиска Арабија се вмешани во граѓанската војна во Јемен, при што Иран ги поддржува шиитските бунтовници Хути, а Саудиска Арабија врши воздушни напади и доставува оружје во поддршка на сунитската Влада и нејзините вооружени сили.
Изјавата на Рохани доаѓа еден ден по убиството на поранешниот јеменски претседател Али Абдула Салех, кој за време на граѓанската војна беше на страната на Хутите.
На почетокот на месецов Салех најави дека се повлекува од сојузот со Хутите и дека ќе застане на страната на сунитите и Саудиска Арабија. Неколку дена по изјавата, Салех беше убиен во снајперски напад во главниот град Сана.
Ахмед Али Салех, еден од синовите на убиениот поранешен претседател, изјави дека ќе ја продолжи неговата борба против Хутите и против нивните ирански сојузници.
[divide]
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.