Бројни јавни личности низ Европа го изразија својот гнев поради гестот на Илон Маск, кој потсетуваше на нацистички поздрав. Додека едни го оценија овој гест како злонамерна провокација, други го протолкуваа како израз на солидарност со екстремно десничарските групи, објави Индекс.хр, пренесува ЦИВИЛ Медиа.
Мишел Фридман, истакнат германско-француски публицист и поранешен заменик-претседател на Централниот совет на Евреите во Германија, ги нарече постапките на Маск „срамни“ и рече дека тој претставува „опасност за целиот слободен свет“. Фридман, чие семејство загина во Холокаустот, изјави за Тагесшпигел, пренесува Кликс, дека бил шокиран кога во живо ја гледал инаугурацијата на Доналд Трамп, за време на која, како што тврди, Маск недвосмислено дал нацистички поздрав.
Шарлот Кноблох, претседател на еврејската заедница во Минхен и Горна Баварија, ги опиша постапките на Маск како „многу иритирачки“. Таа додаде дека е уште позагрижена за неговите политички активности, вклучително и поддршката за екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) пред федералните избори.
„Далеку поопасно е мешањето на Маск во германската политика и поддршката за партија чии антидемократски цели не треба да се потценуваат“, предупреди Кноблох.
Шолц го осуди Маск
Германскиот канцелар Олаф Шолц исто така го осуди однесувањето на Маск, нарекувајќи ја неговата поддршка за екстремната десница неприфатлива. Шолц повика на ладнокрвност како одговор на контроверзната администрација на Трамп и провокациите на Маск.
At the World Economic Forum, Olaf Scholz, the German Chancellor, just said that @elonmusk should know Germany/Europe’s “freedom of speech” doesn’t accept “extreme right positions.”
This lunatic thinks not wanting migrants to rape little girls = far right pic.twitter.com/qK2UVDg9rF
— Robby Starbuck (@robbystarbuck) January 21, 2025
Маск одговори на Твитер со погрден коментар за Шолц, нарекувајќи го „Оф Шиц“, што многумина го протолкуваа како навредлива игра на зборови.
Берлинскиот судија Каи-Уве Хербст изјави за Берлинер Цајтунг дека гестот на Маск може да се смета за доволен доказ за обвинение според германските закони, но додаде дека злонамерната намера ќе треба да се докаже. Адвокатот Бенедикт Мик истакна дека конечната пресуда ќе зависи од севкупниот контекст на настанот.
Подготви: Д. Мишев