ВЕСТ НА ДЕНОТ
Царинската управа истражува кој го пропуштил автобусот без лиценца на преминот Деве Баир
Во насока на навремено и транспарентно информирање на јавноста, Царинската управа проследува информација поврзана со автобуската несреќа што се случи на 23.11.2021 година во соседна Република Бугарија, во која изгоре автобус на превозникот Беса Транс – Скопје.
Од рано утрово Секторот за професионална одговорност на Царинска управа е на ГП Деве Баир, со цел детално да се изврши контрола на постапувањето на превозникот и царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај на денот на излез на предметниот автобус. Предмет на контрола е и постапувањето за конкретниот превозник и возило и во претходниот период на истиот граничен премин. За наодите од контролата јавноста ќе биде навремено информирана, информираат од Царина.
ВЕСТ НА ДЕНОТ
Членовите на Државната изборна комисија нема да земат дополнителни надоместоци за локалните избори.
Кондарко: Членовите на ДИК, освен нашите редовни плати нема да земат никави бонуси, иако имаме право на тоа. На денешната седница тие изгласаа измена и дополнување на Правилникот за надоместоци на изборните органи за локалните избори и, како што појасни членот на ДИК Борис Кондарко, се работи за прецизирање и дополнување на Правилникот.
Надоместоците за други лица вработени во ДИК, лица дополнително ангажирани, членовите на ОИК и ИО остануваат, а се додаваат и членовите на Избирачката комисија на Град Скопје. Се зголемува за 25 отсто надоместокот за ОИК и ИО во општините каде што имаше втор круг гласање за градоначалник, како и за 20 отсто за избирачките органи во општините каде што имаше гласање на болни и изнемоштени лица.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЕНЕРГЕТИКА На адреса на МЕПСО стаса сметката за ненајавеното повлекување електрична енергија од преносниот систем. Македонија на Европската енергетска мрежа треба да ѝ плати 18,5 милиони евра за струјата влечена од јули до октомври. Од целата оваа сума, најскапа била струјата за октомври, односно 16,5 милиони евра. Според информациите до кои дојде ТВ Алсат, за ноември сметката ќе биде многу помала бидејќи е повлечено помалку електрична енергија во однос на претходните четири месеци.
ПОВРЕДЕНИ ПАТНИЦИ Состојбата на повредените во автобуската несреќа е добра и тие се во стабилна општа состојба. Нема опасност по нивното здравје. Од болницата „Пирогов“ денеска соопштија дека пациентите се соодветно згрижени и нивната состојба се следи од разни специјалисти. Извршени се сите потребни итни интервенции.
-Постоперативната состојба на пациентите се оценува како добра. Денеска претстојат две дополнителни оперативни интервенции. Кај една од жртвите ќе бидат извршени дополнителни медицинско – дијагностички процедури со што ќе се даде поголема јасност за идниот терапевтски третман на пациентот, соопштија од болницата „Пирогов“.
ИСТРАГА Се надевам дека оваа истрага ќе се одвива темелно, да се одредат вистинските причини за трагедијата и доколку навистина има човечки фактор зад тоа, да се преземат сите неопходни мерки. Вчера имаа прес-конференција и министерот за транспорт и министерот за внатрешни работи, ги кажаа своите ставови и најкомпетентно е сепак тие да кажат став по однос на тоа кој има одговорност, дали има одговорност, изјави денеска во Софија министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Според информациите коишто ги имам, истрагата е во тек, ја водат државните власти во Република Бугарија, наши претставници има во тие екипи да помогнат. Ние имаме можности дополнително доколку се појави потреба да таква експертиза. Ви ја кажав ситуацијата во делот со идентификацијата, со судската медицина. Нашите експерти се тука од вчера, меѓутоа вчера не им било дозволено затоа што се бара дозвола од бугарското обвинителство. Пуштивме нота вчера, со барање официјално, таа нота беше попладнето, очекуваме утринава обвинителството да им дозволи на Институтот за судска медицина во Софија да се вклучат нашите професори, рече Османи.
РАЗГОВОР Премиерот Зоран Заев доцна синоќа имаше телефонски разговор со помошник државниот секретар на САД Карен Донфрид, која во име на Владата на САД и на американските граѓани изрази длабоко сочувство до македонските граѓани за загинатите во автобуската несреќа во Бугарија.
КОМЕМОРАТИВЕН МАРШ Со солзи во очите и со голема тага ученици на ОУ „Исмаил Ќемали” во Чаир денеска организираа комеморативен марш од училиштето до Плоштадот Скендербег, оддавајќи им почит на загинатите соученици во вчерашната автобуска несреќа во Бугарија.
Директорката на ОУ „Исмаил Ќемали”, Бурбуќе Имери во својот говор пред присутните истакна дека „овој настан што му се случи на училиштето е голема трагедија која не може да се опише со зборови“.
РЕВИЗИЈА Изразивме неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансискиот извештај и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики, се наведува во Ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија за Агенцијата за вработување, чија цел е да се утврди дали финансискиот извештај е ослободен од материјално погрешни прикажувања и дали активностите, финансиските трансакции и информациите во него се во согласност со законскаат регулатива.
Во извештајот, во клучните утврдени состојби се посочени неусогласени податоци од евиденциите за постојани средства, залиха, паричен надоместок и активни мерки со сметководствената евиденција, преземени обврски без спроведени јавни набавки над дозволениот праг со Законот за јавни набавки, неусогласен клолективен договор на ниво со важечката регулатива и нецелосност и точност на остварениот приход.
КОВИД 19 Намалување од 8,9 отсто на бројот на новозаразени од ковид-19 минатата седмица во споредба со претходната, бележи Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во неделниот извештај за состојбата со коронавирусот во земјава.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Наташа Петровска, екс градоначалничка на Битола, зборува за себе и другите, за етиката и политиката, за евидентните вредносни траги од својот градоначалнички труд, за локалните избори и локалните кадровски политики, за амбициите и за…
СЛОБОДНА ЗОНА
Како може автобус кој не бил пријавен за меѓународен превоз – значи, ја немал потребната документација воопшто да ја помине границата – тоа да го правел во којзнае колку наврати, којзнае од кога? Дали е можно, вон фабричката спецификација, да имал додадени танкови за гориво (кои се можната причина за големиот пожар), бидејќи во некои земји каде што се возел цената на горивото била пониска од некои други земји во коишто превезувал патници? Дали е можно за време на паузата дваесетина минути пред трагедијата некои патници да си ги размениле местата со некои други во останатите три автобуси во туристичкиот конвој? Дали е можно вратите на автобусот автоматски да не се отвориле при ваква тешка несреќа затоа што, можеби, и пред несреќата биле неисправни? Дали е можно…, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „ Сите ние загинавме во автобусот во Бугарија “
Д. Мишев