Италија не ја потпишала заедничка декларација на земјите-членки на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во која се критикува одлуката на САД за воведување санкции кон судот, јави Анса, пренесува МИА.
Меѓу 97-те земји-членки кои ја потпишаа декларацијата се Франција, Германија, Шпанија и Велика Британија.
Во декларацијата се наведува дека санкциите што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп „сериозно би ги загрозиле сите случаи кои моментално се под истрага, бидејќи МКС можеби ќе мора да ги затвори своите теренски канцеларии“.
Меѓународниот кривичен суд денеска реагираше на санкциите што ги воведе Трамп против оваа институција, нагласувајќи дека ќе продолжи да обезбедува „правда и надеж“ во светот.
„МКС ја осудува издадената Извршна наредба на САД со која се настојува да се воведат санкции против неговите официјални лица и да се нанесе штета на неговата независна и непристрасна судска работа“, се вели во соопштението на судот.
Судот со седиште во Хаг додаде дека „цврсто стои зад својот персонал“ и дека ќе продолжи „да обезбедува правда и надеж за милиони невини жртви на злосторства низ светот“.