На денешниот протест поддржан од седум мрежи на граѓански организации 92 здруженија и фондации што ги застапуваат правата на разни групи граѓани што се соочуваат со дискриминација, уште еднаш се упати јавен повик за итно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
„На последната седница претседателот на Собранието без никакво образложение го тргнал законот од дневен ред. Со ова Собранието уште еднаш потврди дека граѓаните не им се приоритет. Тие изнајдоа решение за усвојување закони за попречување на правдата, за амнестирање, за привилегии на пратениците, ама за ова не најдоа“, рече Елена Петровска од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.
Законот за спречување и заштита од дискриминација повеќе од 8 месеци е заглавен во Собранието. И покрај јавното ветување на пратениците од СДСМ, дека Законот ќе се усвои во најкус можен рок, на пленарната седница во четвртокот (7 март), без никаква оправданост и образложение, Претседателот на Собранието ја прескокна точката за гласање на овој закон од дневниот ред.
Активистите силно ја осудија и реториката на пртениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието со која ги етикитраат маргинализираните заедници и потикнуваат говор на омраза, дискирминација и насилство кон истите.
„Ги повикуваме сите граѓани кои имаат 0 толеранција за дискриминацијата да ни се придружат за да заедно ги потсетиме народните избраници дека правата на граѓаните не смеат да бидат условени од личните ставови и партиските игри!“, повикаа активистите.
Новиот закон, како што објасни Петровска, ќе придонесе кон надминување на постоечките недостатоци во претходниот закон во однос на воведување на пократки рокови на постапката за заштита од дискриминација, зајакнување на независноста на Комисијата за заштита од дискриминација, а се овозможува и тужба за заштита од јавен интерес па се овозможува неформални групи да поднесат претставка во име на граѓаните.
Б. Ј.