Одбивањето на предлогот за користење на алатката за транспарентно и отчетно владеење од страна на Претседателот Ѓорѓе Иванов е несериозен пристап, и е на штета на интересот на граѓаните. Согласно одлуката на Владата на Република Македонија трошоците на избраните функционери се објавуваат на секои 6 месеци и во тек е прибирање на податоците за периодот од декември 2017 заклучно со мај 2018 година.
„Заложбата на Владата на Република Македонија за целосна транспарентност, отчетност и одговорност на носителите на јавни функции ќе придонесе тие вистински да работат во служба на граѓаните и ќе помогне во справувањето со корупцијата и останатите неправилности во работењето на институциите“, истакнуваат од Владата.
Од Владата изразуваат жалење што претседателот на државата Иванов, не ја разбира важноста на оваа иницијатива и не покажува разбирање за потребата на граѓаните од транспарентно и отчетно работење на државните институции вклучувајќи ја и институцијата Претседател на Република Македонија.
Инаку претседателот Иванов, пред неколку дена донесе одлука да не го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на договорот за промена на името со Грција. Едно од доказите зошто не го потпишува Указот е дека на претседателските избори 534.910 граѓани гласаа за оваа негова изборна програма и дека затоа го избраа за претседател на Република Македонија.
Иванов треба да им даде отчет на граѓан(к)ите на Македонија, дури и на тие 534.910 граѓан(к)и што го гласаа.
Д.М.