Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, излезе со соопштение, по повод обвинувањата на СДСМ дека претседателот Иванов постапил како претседателот Киро Глигоров во 1992-та, и дека го прекршил Уставот на Република Македонија.
„Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, отсекогаш постапувал согласно Уставот и законите на Република Македонија и во рамки на своите права, обврски и должности. Тврдењата на СДСМ дека претседателот Иванов лаже дека постапил како претседателот Глигоров и дека го крши Уставот претставуваат груба лага и груба манипулација со јавноста.
Наводите на СДСМ дека претседателот Глигоров го доделил мандатот на второпласираната партија на тогашните избори, повикувајќи се на објавено соопштение од 14 јули 1992 година, претставуваат груба лага, бидејќи информациите изнесени во соопштението од 14 јули 1992 година се однесуваат на консултации кои претседателот Глигоров ги извршил со СДСМ. Во соопштението јасно е укажано дека на овие консултации, претседателот Глигоров му предлага на СДСМ, како на втора партија по бројот на пратеници во Собранието, да посочат кандидат, кој претседателот на Републиката би го определил за мандатар за состав на Владата на Република Македонија“.