„Почитувајте ја демократијата и парламентарното мнозинство, не ги разгорувајте меѓуетничките тензии“, порача еврокомесарот Јоханес Хан, на својот Твитер профил, пред слетувањето во Скопје.
Во неговата официјална работна агенда за денеска меѓу бројните состаноци со лидерите на парламентарните политички партии, не беше предвидена средба со претседателот Ѓорге Иванов. Од кабинетот на Иванов, информираа дека тој уште во петокот, го информирал амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, дека не планира средба со Хан и со тројцата европратеници кои доаѓаат денеска во Скопје?!
Иванов, како што информираат од Кабинетот, немал што ново да му каже на Хан и предлага терминот за средбата со него да биде искористен за разговор со претставници на иницијативата „За заедничка Македонија“!
Од иницијативата претходно, за денеска, најавија масовен протест и побараа средба со Хан.
Можеби еврокомесарот ќе прифати претставниците на „За заедничка Македонија“ да бидат алтернатива на Иванов и ќе промуабети со нив, „на маргините на посетата“, во слободно време, доцна вечерва, на крајот на работната посета. Но, потегот на Иванов, секако не влегува во нормални дипломатски активности.