„Ги доведовме луѓето во ситуација тие да нѐ тешат и да ни кажат што сме, ко ние да не знаеме. Не знам од каде тој страв и таа фрустрација за нашиот идентитет. Постоиме како држава и нација од 1944-45 година. Самостојна држава сме 30 години со македонски јазик. Си носиме големи товари и големи фрустрации поради соседите, но битка е животот и таква ни била и судбината, ќе се бориме и понатаму“, вели новинарот Зоран Иванов околу поддршката што ја добиваме од европските лидери за прифаќање на францускиот предлог и денешното отворено писмо до македонската јавност од страна на германскиот канцелар Олаф Шолц, пренесува Слободен печат.
Според него, лидерите од ЕУ сега по малку ја отвораат вратата, за да ги забрзаме реформите и да ги почнеме преговорите за членство во Унијата.
„Важно е да тргнеме по тој пат за реформи. Неодамна донесовме Резолуција во Собрание за нашите црвени линии. Од каде е сега стравот за идентитетот? Или сум Македонец или не сум. Викаат „ќе сме бугаризирале“ – ние 70 години имаме проблем со Бугарите со негирање на македонството. Сега е шанса македонизмот, од кој Бугарите имаат страв, да влезе во европските ходници и да видиме тие како ќе се однесуваат. Таму ние нема да бидеме сами, сега сме изолирани и водиме битка со Бугарија, рече Иванов во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.