И по триесет години независнот, и во 2022 година сè уште се зборува за предавници и патриоти. Но, никој не ја предал државата, а никој не ни станал голем патриот како на пример Гоце Делчев или Александар Македонски. Несфатливо е како политичките партии не можат да седнат на маса и да се договорат за елементарни и круциални прашања, за да функционира системот, рече новинарот и аналитичар Зоран Иванов на мултимедијалниот јавен настан на ЦИВИЛ „Перспективи 2023“.
„Не се демонтира партизацијата и непотизмот, продолжија аферите за корупција итн. Извештаите на Европската комисија го покажуваат тоа. Политичарите треба да седнат и да се договорат барем за 2-3 реформи, како што се реформи во здравството, во образованието, итн.
Поразително е тоа што тлее недовербата во политичките субјекти кои треба да ги градат институциите, да ги департизираат и конечно професионалците да дојдат на вистинските места.
Министрите треба да се симнат од екраните и да говорат за генералната политика. Нема демократија во политичките партии, а без демократија во политичките партии нема демократија во општеството, во државата“, вели Иванов.
Иванов додаде дека на внатрешен план, за жал, политичката култура остана на маргините како кочница за македонските реформи и ЕУ интеграции.
„Во 2023 да се надеваме на кооперативен меѓупартиски дијалог, на разум на опозицијата да не се однесува како „одрон” на ЕУ патот и конечно Македонија и официјално да ги почне ЕУ преговорите“, истакна Иванов.
Иванов додаде дека очекува поголема професилонализација и демократизација на медиумите и новинарите.
Дехран Муратов
Фотографија, камера и видео монтажа: Ариан Мехмети и Александар Ризински
Перспективи 2023 се состоеше од шест панели со повеќе од десет учесници кои се емитуваа во живо на Јутуб видео каналот и на ФБ страницата на Цивил.
Извор: CivilMedia | Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.