„Жално е што втора година по ред нашата држава нема усвоена стратегија за борба против корупцијата и покрај тоа што таа е подготвена од наша страна. Акциониот план е апдејтиран и сега таа стратегија е 2021-2025. Таа е направена на многу инклузивен начин, правена е со претставници од министерствата, НВО, медиуми и направен е збир на искуство и експертиза, но проблем е што се уште чекаме на одговор од Владата“, изјави во Утрински брифинг претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.
„Почнавме да градиме чувство дека поддршката е само декларативна. Владата излезе со јака политичка волја, го донесе Законот, беше избрана комисијата, во тој Закон беа јасно и прецизно утврдени надлежностите на Комисијата, но и правата во смисла на тоа како таа ќе успева да обезбедува податоци. За да ја исполниме улогата треба да имаме одредени можности. Ништо од она што го бараме не сме успеале да го обезбедиме“, вели Ивановска.