ИЗБОРЕН РАПОРТ #25
„Свиркач“ од избирачки одбор за проблемите на денот на гласањето, партиите се борат за глас повеќе на сметка на туѓата несреќа, попречување на работата на ЦИВИЛ
Во денешното, 25-то издание на Изборен рапорт на ЦИВИЛ, објавивме две стории, една од „свиркач“ од еден избирачки одбор, а втората за една потресна ситуација со која се соочува семејството на едно лице со посебни потреби.
Сведоштво на член на избирачки одбор: Денот беше исполнет со проблеми, граѓаните коректни и трпеливи, подготовката слаба, за глас повеќе, се прават невозможни комбинации и притисоци, Притисоци и попречување на работата на набљудувачите на ЦИВИЛ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Маричиќ: Реформите во правосудството даваат резултат
„Денеска, кога се одбележува Европскиот ден на правдата сакам да ви порачам дека Министерството за правда и Владата продолжуваат уште посилно да работата за модернизација на судството, што веќе резултира со зголемена транспарентност и ефикасност. Дозволете ми да ве потсетам дека само за една година успеавме да ги намалиме судските такси за 8 пати, успешно спроведовме попис, ги дигитализиравме услугите за граѓаните, донесовме нов Закон за заштита на личните податоци со кој се гарантира поголема дигитална безбедност за граѓаните, направивме измени на Кривичниот законик и на тој за граѓанска одговорност, со кои заштитата на новинарите сега е на многу повисоко ниво. Воведовме нови кривични дела како „Демнење“ и „Полово вознемирување“. Започна филтрација во судството и досега 16 судии се разрешени поради пропусти во работењето. Обезбедивме меѓународен мониторинг на судските случаи за висока корупција и организирани криминал. Зголемени се платите на судската полиција. Постигната е договор за етапно зголемување на платите на судиите и судската администрација. Се разговара и со обвинителите. Министерството за правда се отвори за средношколците кои сега тука извршуваат практична работа. Се реконструираат повеќе затвори. Го отворивме Волковија – најмодерниот Воспитно-поправен дом во регионот. Затворската полиција добива нови униформи и ова навистина е само дел од работите кои успеавме да ги направиме за само една години“, напиша министерот за правда, Бојан Маричиќ во пораката до граѓаните по повод Европскиот ден на правдата.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ТРАНСПАРЕНТНОСТ Државната изборна комисија (ДИК) најостро ги осудува дејствијата со кои на 17 октомври, денот на изборите, на медиумски работници и акредитирани набљудувачи на изборите им беше попречен пристапот до одредени гласачки места.
ДКСК И во овој извештај на Европската комисија за напредокот на земјата, повторно се нотира напредокот во делот на борбата против корупцијата и судирот на интереси и се оценува дека Државната комисија за борба против корупцијата (ДКСК) е особено проактивна во превенција на корупцијата и во отворање голем број предмети, вклучително на оние кои се однесуваат на високо ниво на службеници.
ААВМУ Извештајот за медиумското известување за периодот од 27 септември до 15 октомври, што го објави денеска Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, покажува дека не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик од страна на радиодифузерите во тек на известувањето во првиот круг од кампањата за Локалните избори 2021.
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ
Изборната кампања се повеќе се разжестува, освен вербални дуели, почнаа и физички пресметки. Изминатиот викенд се регистрирани неколку инциденти помеѓу политичките противници, односно тепачки и физички напади. Но, покрај физичките напади, не изостанаа ниту заканите кон политичките неистомисленици, каков што е случајот во кој обезбедувањето на Мицкоски се заканувал на граѓанин од Вевчани дека „ќе види кога ќе дојдат на власт“.
ЦИВИЛ ИНФО
Вториот круг на гласањето ќе го набљудуваат 284 акредитирани набљудувачи на ЦИВИЛ, како и првиот круг. Во текот на гласањето, ЦИВИЛ ќе одржи повеќе прес конференции, во 10, 12, 16 и 19:01 часот, како и еден или повеќе вонредни термини.
АНАЛИЗА
„Во историја на развојот на нашите градови се создаваше една органска дуалност, пред се со просторна и социјална диференцијација која понатаму се одразува на самата слика на градовите. Оваа метафора на развојна дистинкција ја создаде сликата на денешното Скопје како најпластичен пример на американскиот феномен на “Redlining” (систематско игнорирање на една класа на луѓе и создавање на неинтегрираниот слој на општеството кој подоцна повлекува низа негативни домино ефекти). Не навлегувам во сржта на феноменот, ниту ми е целта да го разработувам (иако е многу интересен), но го спомнувам од една перспектива на економски и урбанистички пристап на развојот на градот кој недостасуваше во одредени делови, и доведе до ситуација Скопје да стане дуален во својот карактер по физичка, ментална , економска, историска и социјална природа.“, Мерита Максути во анализата „Дуалноста како просторен идентитет на градовите“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Денеска, конечно, стана главна политичка мода да се зборува за корупција, за социјален стандард и за функционирање на правната држава, иако добар дел од најгласните критичари на власта на овие теми (со гласна помош на нивните процесни адвокати и партиско-пропагандни канти за тропање) сѐ уште се борат во правните лавиринти за, евентуално, да ја докажат својата невиност. Како со Шарената револуција: разни фејсбук-иверки и манекени денеска арогантно држат лекции по храброст и демократија, иако тогаш нивниот ризик се сведуваше на тоа дали дента на маршевите ќе врне, а чадорот го заборавиле дома. Колкумина собраа храброст пред десетина години да истрчаат како независни кандидати на избори, кога со шепот и во кафеани се спомнуваше Името Негово, а не па да настапат самостојно, по седењето во коалицијата на власт со ВМРО-ДПМНЕ!?“, Сашо Орданоски во колумната „Победата е наша, а поразот само нивен!“
Д. Тахири