Во очекување на денешниот Совет на безбедност кај претседателот Стево Пендаровски по што ќе се знае дали ќе има продолжување на вонредната состојба, политичките партии изутринава таргетираа две клучни прашања: избори и здравјето на граѓаните.
„Изборите се решение за незрелото, неодговорно и несериозно однесување на Христијан Мицкоски и неговите кадри во техничката влада. На државата и се потребни институции со полн капацитет кои ефикасно ќе се справат со последиците од актуелната пандемија, но и ќе бидат подготвени за новиот бран кој по сите најави се очекува наесен“, велат од СДСМ по вчерашниот биланс од 52 нови случаи заболени од Ковид-19 и изјавата на техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, дека нема да ги казнува граѓаните за непочитување на мерките за заштита од корона вирусот.
За СДСМ ваквото неодговорно и незрело однесување на Чулев во време кога приоритет е заштитата на јавното здравје, со никакви санкции за масовни собири, резултираше со зголемен број на заболени од Ковид-19.
„Наместо да работи на почитување на мерките од страна на граѓаните и санкционирање на прекршувањата Наќе Чулев, во време на епидемија со корона вирусот, се однесува неодговорно и несериозно, а приоритет му е одбрана на неговиот шеф Мицкоски за случајот со теретаната, а не заштита на јавното здравје“, велат од СДСМ.
На нивна сметка ВМРО-ДПМНЕ, пак, држејќи се до добро познатата реторика, црниот биланс на заразени го препишаа на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и неговите политички амбиции.
„Во едни вакви услови Зоран Заев турка избори што значи директно туркање кон изборна кланица. Ситуацијата е излезена од контрола“, велат од ВМРО, кои остануваат на ставот дека е рано за избори.
Тие повикаа разрешување на членовите на Комисијата за заразни болести на чие место наместо, според нив, се потребни експерти со морален интегритет.
Од одлуката на Советот за безбедност ќе зависи и датумот за избори. Иако се зборува за 5 јули како можен датум за нивно одржување, конечната одлука ќе се очекува да се постигне со политички консензус.
А дека врвен приоритет е здравјето на граѓаните потсети и премиерот Оливер Спасовски, кој за предложениот датум за избори вчера изјави дека не е време за лицитација со датуми бидејќи тоа не му оди во прилог никому.
А дека некој опасно се игра со здравјето на граѓаните предупреди и министерот за здравство Венко Филипче,.
„Има информации за граѓани кои со решение за самоизолација се шетаат надвор. Барам поголема ажурност на МВР и санкции за оние кои не ги почитуваат мерките“, истакна Филипче на вчерашната прес конференција.
На овие директни и индиректни посочувања Чулев реагираше соодветно префрлувајќи ја топката во Бирото за јавна безбедност, посочувајќи ги нив како одговорни за зголемениот број на заболени од вирусот.
Сепак, ниту мерките, ниту вонредната ситуација, а најмалку неизвесноста околу изборите, не ги спречи неказнето да поминат дел од угостителите и нивните гости кои со ора и чочеци го „прославија“ отворањето на угостителските објекти и кафетериите.
Б. Ј.