Во Дневниот центар за деца од улица и во градинката „8 Април“ во Шуто Оризари, вчеравечер избувна силен пожар и целиот објект кој има два посебни влеза е целосно пеплосан. Околу 100 дечиња кои го посетуваат Дневниот центар за деца од улица, сега останаа и без згрижување и без топлиот оброк што го добиваа додека го посетуваа центарот. Исто така, без згрижување и едукација останаа и околу 100 дечиња кои одеа во градинката „8 Април“.
Видеото од пожарот, до ЦИВИЛ Медиа го испрати граѓанскиот новинар Мануел Мустафа.
Ирена Велкоска, раководителката на Дневниот центар, во разговор за ЦИВИЛ Медиа вели дека во моментот има поддршка од ромските невладини организации кои се во Шуто Оризари и кои ќе ги згрижат дечињата додека не се најде соодветно решение.
„Ние сме во шок! Околу стотина дечиња ќе останат повторно на улица и ќе се вратат во импровизираните куќички, бидејќи не верувам дека ќе одат на училиште. Досега никој од надлежните институции не дојде и не ни понуди помош. Што ќе биде во иднина не знам, но жал ми е за дечињата кои веќе почнаа да стекнуваат образовни и едукативни навики. Сега, се плашам, дека ќе се вратат на старите навики“, вели Велкоска.
Засега нема одговор за причината за пожарот, но дел од граѓаните коментираа дека пожарот избувнал поради застарена електрична инсталација, па дури имаше и коментари дека пожарот е подметнат.
Дехран Муратов