Од 23 до 27 септември, Руската Федерација организираше пропагандно шоу наречено „референдуми“ на привремено окупираните територии на Херсонската, Запорижската, Луганската и Донецката област на Украина.
Присилувањето на луѓето на овие територии да пополнат некои документи под нишан на руските војници е уште едно руско злосторство во текот на нејзината агресија против Украина. Ваквите дејствија сериозно ги кршат Уставот и законите на Украина, како и нормите на меѓународното право и меѓународните обврски на Русија.
Оваа изведба нема ништо заедничко со изразување волја и нема никакви импликации за административно-територијалниот систем и меѓународно признатите граници на Украина. Украина и меѓународната заедница ги осудуваат ваквите постапки на Русија и ги сметаат за ништовни и безвредни.
Сите граѓани на Украина кои учествувале во организацијата на овие дела заедно со руските окупатори ќе сносат одговорност во согласност со одредбите на Кривичниот законик на Украина. Надлежните органи на Украина веќе преземаат мерки за нивно пронаоѓање и изведување пред лицето на правдата.
Луганската, Донецката, Запорижската и Херсонската област, како и украинскиот Крим, остануваат суверени територии на Украина. Украина има целосно право да го обнови својот територијален интегритет со воени и дипломатски средства и ќе продолжи да ги ослободува привремено окупираните територии. Украина никогаш нема да се согласи на какви било руски ултиматуми. Обидите на Москва да создаде нови линии за одвојување или да ја ослаби меѓународната поддршка за Украина се осудени на неуспех.
Со организирање на лажни „референдуми“ на привремено окупираните територии на Украина, Русија свесно демонстрира дека сите нејзини сигнали за наводна подготвеност за преговори имаат за цел само да обезбедат прикривање на нејзината вооружена агресија и беспомошни обиди да ги задржи привремено окупираните територии.
Русија постојано го покажува својот презир кон сите оние кои повикуваат на дипломатија. Очекуваме релевантните земји да извлечат заклучоци во врска со вистинските намери на Русија и да ја зголемат својата поддршка за Украина во спротивставувањето на руската агресија наместо да се воздржуваат од акции под превезот на нивната желба да играат улога на мировници што не ѝ требаат на Русија.
Украина ги повикува сите држави и меѓународни организации веднаш да ги осудат незаконските дејствија на Кремљ на привремено окупираните територии на Украина и да ја зголемат изолацијата на Русија.
Исто така Украина ги повикува ЕУ, НАТО и Групата седум веднаш и значително да го зголемат притисокот врз Русија, вклучително и со воведување на нови остри санкции, и значително да ја зголемат воената помош за Украина, вклучително и со обезбедување тенкови, борбени авиони, оклопни возила, артилерија со долг дострел, опрема за противвоздушна и ракетна одбрана.
Истовремено, Украина ги повикуваат партнерите јасно да ѝ дадат до знаење на Русија дека единствениот одговор на нејзините обиди за анексија, уцени и ултиматуми ќе биде зголемувањето на поддршката за Украина за таа да надвладее над агресорот.