Од денешните изјави издвојуваме: Ахмети за зелената агенда, Павиќевиќ за комбинираниот модел на настава, Ангеловска-Бежовска за предизвиците за носителите на политиките, Османи за вклучувањето на земјите од Западен Балкан
„ Ние 19 години имавме друга агенда. Ние имавме сериозни предизвици барајќи ги нашите права како Албанци. Ние 19 години работевме за да се имплементира Рамковниот договор. Сега нормативниот дел на Рамковниот договор е завршен. Правичната застапеност беше наш приоритет. Генерално, се боревме за правата на Албанците. Наш приоритет беше зачленувањето на Македонија во НАТО. Тука имаме и ние сериозен придонес. Сега, можеме да се фокусираме кон проекти кои носат подобар живот не само за Албанците, туку за сите граѓани на Македонија,“ посочи лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Првото прашање на кое ќе се фокусираме јас, мојот тим, но и целиот Сојуз е моделот на настава во средното образование за следната учебна година. Нашиот став е дека образовните власти мора што поскоро да воведат комбинирана настава. Овој модел ги намалува штетните последици по социјализацијата и менталното здравје на средношколците, а истовремено го штити и нивното физичко здравје. Не смееме да дозволиме уште една генерација да го започне своето средно образование во толку неквалитетни услови, коишто ги посведочивме во изминатиов период со наставата од далечина „ додава Лука Павиќевиќ, новиот лидер на Средношколскиот сојуз.
Ангеловска-Бежоска: Главните предизвици за носителите на политиките ќе бидат двојни
„Од една страна, и натаму ќе треба да се обезбедува поддршка за економиите во закрепнувањето од кризата, но добро насочена и со соодветен обем. Глобалната економска криза од 2008/09 година покажа дека носителите на политиките не треба наеднаш да запираат со мерките за поддршка на економиите во справувањето со шокот, а овојпат тоа е нагласено и заради примарниот, здравствен карактер на кризата. Но, од друга страна, ќе треба да се внимава во одредувањето на карактеристиките на макроекономскиот стимул, за да не се предизвикаат нерамнотежи“, истакна Ангеловска-Бежоска на вчерашното излагање на Балканска недела на бизнисот што ја организира Институтот за бизнис и менаџмент „Хајделберг“ и Академијата за банкарство и информатичка технологија (АБИТ).
Османи: Вклучувањето на земјите од Западен Балкан ќе поттикне создавање нови вредности
„Поминавме долг пат и заедно постигнавме значителни резултати во областите на меѓусебна соработка – да бидеме економски, политички, безбедносно и социјално поврзани. Агендата за поврзаност, што беше во сржта на процесот, еволуираше во меѓусебната поврзаност во многу поширока смисла, надвор од инфраструктурната. Вклучувањето на земјите од Западен Балкан во активен и динамичен пристапен процес целосно ќе ги ангажира општествата во создавање на нови вредности, напредок и позитивна конкуренција. Регионалната соработка, станува сè поважна – да се демонстрира сопственост и заедничко политичко лидерство. Ние сме релативно мали економии, но заедно сме силни. Фактот дека имаме наши разлики и различни ставови, не ја исклучува далеку поблиската соработка во сите секторски области поврзани со ЕУ,“ истакна Османи.
Ирена Крџиќ