„Порано беше мисловна именка да има истрага против високи функционери, а денеска сите еднакво одговараат пред законите, а истражните органи постапуваат неселективно, без разлика дали станува збор за командир на полициска станица или на било кој друг функционер“, потенцираше премиерот Зоран Заев на пратеничко прашање за акцијата на полицијата во која беше пресечен канал за шверц со забранети супстанци, спроведена во соработка со американската агенција ДЕА.
„Акцијата беше спроведена според законот и според највисоките стандарди на напредните земји во борбата против криминалот и во соработка со нив. Главниот координатор беше министерот, и да се бара оставка за успешна спроведена акција ниту сакам, ниту помислувам да побарам“, истакна премиерот Заев.
Димитров: Со одлагањето на стартот на преговорите загубивме ние, но и регионот, ЕУ и Бугарија
„Минатата година почна добро, имаме нова методологија којашто овозможи безусловно зелено светло, меѓутоа не заврши добро и мислам дека со еден таков епилог прво изгубивме ние, потоа изгуби регионот, бидејќи бледнее надежта дека европската перспектива е реална, изгуби и ЕУ бидејќи заедно со намалување на кредибилитетот се намалува и влијанието, а мислам дека изгуби и Бугарија бидејќи имавме една голема можност што треба да се обидеме заедно да ја вратиме, да градиме едно вистинско и блиско партнерство и пријателство“, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.
Филипче: Пред џамиите и црквите за Велигден и Рамазан ќе има редарски служби
„Кривата е веќе парабола и ја имитира онаа од ноември-декември, паѓаат бројките на новодијагностицирани, тоа се чувствува и во болниците каде приситокот се намалува и нема многу приеми и префрлања од една во друга здравствена институција како што беше случај во почетокот на април. На состанокот со верските лидери, тие земаа обврска да обезбедат редарска служба за спроведување на протоколите и секој настан да го организираат надвор, пред црквите и џамиите. Епидемиолошката ситуацијата тоа во моментот го дозволува, истакна министерот за здравство, Венко Филипче.
Новинарот Ади Ќаили, во разговор со ЦИВИЛ Медиа ги сподели своите доживувања на работна задача на 27 април, „Крвавиот четврток“, денот кога се изврши нападот врз Собранието.
-Тоа што се случи пред четири години, беше опасност по животите на сите што беа во дворот на Собранието. Бев на должност да известувам во живо на изданието за вести, и некаде кон крајот на протестите се виде дека сè излегува од контрола, сите демонстранти ја преминаа полициската бариера и ги нападнаа вратите на Собранието. Без да го пресметам ризикот од тој момент, јас и снимателот се затрчавме по нив, со идеја да добиеме информации од прва рака. Сепак, таму наидовме на навреди по национална основа, па и расистички кон нашата ТВ-екипата, како и кон другите екипи, бидејќине сакаа да биде снимен тој чин. Тие беа свесни дека го кршат Законодавниот објект и дека кршат многу закони во тие моменти. Имаше цивили кои беа вооружени, многумина со маски, многу други ставаа маици на лицата за да го сокријат својот идентитет, и ги нападнаа вратите на Собранието. Во овој случај, ризикот беше преголем и не знам како би завршило сето тоа… Се вртеа лоши сценарија , сè изгуби контрола, органите на редотја изгубија можноста да ги запрат протестите, толпата граѓани што го нападнаа Собранието и сè беше страшно, вели Ќаили.