Од денешните изјави издвојуваме: Коцевски за европските вредности и богатството на различностите, Спасовски за личните документи со уставното име, Вучиќ и Радев за недобивањето датум за преговори…
Коцевски: Различноста е богатство и предност, а не хендикеп и проблем
„Може ние да се разликуваме според својата боја на кожа, етничка и верска припадност, социјална или полова припадност, но пред се ние сме луѓе и затоа ни е важен секој припадник на заедницата и присуството во заедницата на припадници на различни етнички заедници секогаш треба да се смета како богатство, како предност а не како хендикеп или евентуален проблем во секојдневното дејствување“, истакна Коцевски.
Спасовски: Oд понеделник ќе се издаваат документи со новото уставно име
„Се врши миграција на податоци на новиот надграден систем, по што од понеделник започнуваме повторно со подготовка на издавање на сите документи, кои што ќе бидат усогласени со Уставот, во делот на новото уставно име и со другите законски податоци“, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
Вучиќ: Не е фер, жалам што Скопје и Тирана не добија датум за преговори со ЕУ
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави денеска дека му е многу жал што ЕУ не им дала на Албанија и Северна Македонија датум за почеток на преговорите и дека не е фер кон тие земји и нивните граѓани.
„Сметам дека е нефер и кон Тирана и кон Скопје, како и кон граѓаните и луѓето што ги водат тие земји. Тие ќе имаат искрен пријател во Србија и ќе ја подобриме соработката со нив и сакам да објавам дека ќе имаме важна (29 јуни) видео конференција со премиерите (Зоран) Заев и (Еди) Рама“, рече Вучиќ.
„Време е сите да разберат дека забрзувањето на европската перспектива за нашата најблиска држава зависи само од ангажманот и резултатите од дијалогот со Бугарија“, изјави Претседателот на Бугарија, Румен Радев, по пристигнувањето на дводневниот Европски совет во Брисел, додавајќи „јасно е дека луѓето во РСМ се наши браќа и ние сме должни да им помагаме, како и секогаш. Бугарија останува отворена за брзи, успешни билатерални преговори во интерес на граѓаните на двете земји“.