Од денешните изјави издвојуваме: Пендаровски за препреките на европскиот пат на Северна Македонија, Заев за зелената енергија, Битиќи за инвестициите за Западен Балкан…
Пендаровски за „Политика“: За македонскиот идентитет не може да се преговара
„Членството во ЕУ е клучно за севкупниот развој на сите држави и за европската интеграција немаме реална алтернатива. Но, интеграцијата на регионот во ЕУ е и стратешки интерес за самата Унија, па и геополитичко прашање, во контекст на заложбите за зајакнување на улогата на Унијата како актер во меѓународниот поредок. ЕУ им даде јасно ветување на државите од регионот дека имаат европска перспектива уште од времето на Солунскиот самит во 2003 година. Вложувањето на напори за реализација на ова ветување е прашање и за кредибилитетот на самата Унија. Често пати слушаме за замор од проширувањето, што од аспект на дневната политика е разбирливо, но стратешки, европскиот проект нема да биде комплетиран без интеграцијата на нашиот регион во ЕУ“, истакна Пендаровски.
Зелената енергија во фокусот на земјава со Интервентниот план за инвестиции на Владата
„Верувам дека целиот овој период ќе успееме максимално да инвестираме во сите овие обновливи извори на енергија, граѓаните да не изгубат работно место, а во соодветен временски период согласно овој ИПИ 2021-2027 да успееме дури и пред земји членки на ЕУ да ги затвориме јаглените електрани“ истакна премиерот Зоран Заев на промоцијата на ИПИ 2021-2027.
Битиќи: Западен Балкан има голем потенцијал да стане особено привлечна дестинација за инвестиции
„Го објавивме нашиот инвестициски план за следните седум години, кој вклучува 3,1 милијарди евра инвестиции во зелена енергија, 2,7 милијарди евра инвестиции во патишта и железничка инфраструктура, 800 милиони евра инвестиции во производството, 300 милиони евра инвестиции во малопродажба, 500 милиони евра инвестиции во јавното здравство, 500 милиони евра во инвестиции во локална / комунална инфраструктура и околу 200 милиони евра инвестиции во туризмот. Тоа се вкупно 8,1 милијарди евра инвестиции. Нашиот план за инвестиции во следните седум години е фокусиран, тој е план да станеме подобра земја со почиста и позелена средина, со подобрена инфраструктура и подобри патишта, со посилен јавен здравствен систем, со подобрена и иновативна комунална инфраструктура и подобар систем за управување со отпад, и конечно, попривлечна туристичка дестинација, бидејќи туризмот беше една од индустриите што влијае на многу вработени, но исто така и на секој граѓанин. Сето ова ќе ја зголеми конкурентноста на нашата земја и на економијата,“ потенцираше вицепремиерот Битиќи.
Ирена Крџиќ