Изложба на дигитални фотографии „ПРЕНОС: Дигитални соништа“/“Transference: Digital Dreams“ ќе биде отворена вечер, во 20:30 часот во Олд Скул кафе, во Скопје.
Куратор и еден од двајцата автори е Кервин Кендел Вилиамсон, визуелен уметник од Њујорк, кој со оваа изложба се претставува по шести пат пред македонската публика, а со свој придонес учествува и домашниот артист Горан Димов од Скопје.
– Во урбан свет, којшто потојано се менува, во зголемени варијации на моментите кои се акумулираат, ние сме задлабочени во дигитален тек, преку очите и објективот. Преку визуелни концепции кои настануваат од временската магла, секој си го тера сопствениот пат. Ние можеме да ги поврземе непредвидените аспекти од урбаните промени кои се корисни, но и деструктивни. И покрај сѐ поголемиот марш на дигиталниот тек, нашиот медиум се смета за практичен, иако не секогаш како уметност. Осознавајќи го ова, се просветлуваме, посочуваат авторите.
Цел на изложбата е понатамошно промовирање на дигиталната фотографија на чисти концептуални и визуелни приказни од урбаната средина. Заробениот миг раскажува приказна толкувана од оној што ја гледа, а сепак нема приказна.
Вилиамсон во Скопје во периодот од октомври 2014 до денес има изложувано самостојно и групно, во Отвореното графичко студио (Музеј на град Скопје), две изложби во Младинскиот културен центар (Скопје), во Галерија 8 и во Коцепт 37. (МИА)