Изложбата „Трета страна на стварноста“, курирана од Ивана Васева, а со дела од колекцијата на МСУ, ќе биде отворена на 24 октомври во Музејот на современа уметност во Скопје, со почеток од 20 часот.
Во средината на постановката е и инсталацијата „Архиликс“ на архитектот и уметник Срѓан Јовановиќ Вајс, која е специјално создадена за оваа изложба.
Тој вели: „Тежнееме кон жалење или фалење кога нештата „ќе отидат во погрешна насока“ во институциите на културата, како протекувањето. Прашањето е: дали навистина работите одат во погрешен правец? Или дали протекувањето е дел од поголема потрага по праведност во современиот простор? Или, дали имаме некаква идеја за што навистина е тоа погрешно нешто? Овие прашања се важни за која било од институциите за современа уметност, како што се и институциите во Скопје. Она што „Архиликс“ го прави во најконтестираниот музеј во Скопје е обележување на протекувањата кои музејот ги имал, има, и ќе ги има. Ништо помалку и ништо повеќе.
Во рамките на изложбата на 25 октомври, во МСУ, со почеток во 19 часот предавање ќе одржи архитектот и уметник Срѓан Јовановиќ Вајс.
Вајс е архитект и урбанист кој живее и работи во Њујорк. Тој е моментално визитинг професор на Харвард Дипломската школа за дизајн и на Градскиот колеџ во Њујорк Спитцер школата за архитектура. Страста на Вајс е да работи со уметнички визионери како Јона Фридман, Ан Тунг, Џени Холцер и низа на современи уметници и куратори. Над сè, тој сака да се поврзува со луѓе од секојдневието, инсталери, градители и било кој друг/а во процесот на правење на нешта да се случат ин ситу. Вајс предавал и изложувал насекаде по светот.
Изложбата исто така одбележува и 55 години од формирањето на Музејот на современа уметност како музеј на солидарноста. А она што е важно во овој глобален капитализам, во контекстот на 21 век, е дека не само што заедништвото и грижата за заедничкото, надвор од флосулите, празните зборови и идеолошките непријатели, ни е дел од идентитетот, туку и единствена опција за иднината.
Изложбата е поддржана од Министерство за култура на Република Северна Македонија, Град Скопје и организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“.