ВОЈО МАНЕВСКИ
Јазикот е жива материја, велат лингвистите. Трпи влијание од современите потреби за поточно и подобро изразување. Сепак наследените зборови некогаш тoчно ја отсликуваат содржината, што со нив сакаме да ја опишиме. Има во нив и некаква народна мудрост потврдена со употребата.Имам еден таков пример за денешнава колумна.
Одгледувањето на лозје во Македонија, веројатно е старо колку и човечкото битисување на овие простори. Разни лози се одгледувале и од нив вина се правеле со милениуми. Колку од нив како автохтони видови преживеале досега ќе кажат енолозите што добија шанса во Отворен Балкан тоа да го докажат. Ете и синот на претседателот на Србија се разбирал во вино. Ако се сетиме на изреката на Латините дека во виното е вистината, тогаш тешко дека ќе го следи татко му во политиката. Во таа сфера такви појави не се добредојдени.
Да ја оставиме големата политика и да си го погледнеме нашето лозје и вино. Со комшијата имаме по две три лози кои ги насадиле уште нашите предци и мака мачиме да ги дочуваме до крајот на август. Те ги кроиме, те ги филизиме, прскаме двапати до Преображение и слаба фајда од нашите напори. Некаде од средината на август ги фаќа некоја болест, која половината род ни го однесе. Едноставно, грозјето пред да узрее се скапува. Деновиве ги береме последните гроздови со просечна тежина и правиме стратегија како да постапиме идната година. Те овој препарат за зимско прскање, те ова третирање во јуни и дојдовме до заклучок дека овие лози веќе не се за ова време. Не ги поднесуваат промените во природата околу нив. Нема друго, донесовме одлука да ги калемиме и тоа со некоја сорта што е по отпорна. Гугламе и бараме такви сорти, а комшијата мудро молчи.
Слушај новинар, не читај сѐ што пишува таму тоа е за широката јавност, барај некоја сорта што ќе си остане иста и после нас, а не да сѐ ИЗМЕТНЕ после две три години.
Како бре комшија да се изметне? Не е тоа некоја коза или магаре, па да се изметне од оглавот или да се изоглави. Лозите имаат своја генетска природа и не се подложни туку така на вкрстување.
Ајде бе паметњаковиќу! Стоката се одметнува или се изоглавува, а растенијата се изметнуваат. Па јас донесов садници, кајсија од Унгарија што таму плодот беше како праска, а после пет-шест години овде се изметна и стана како нашата шамка да не кажам ѕерѕелија. Не ми кажувај ти за тоа, гледај си пишувањето, тоа е твојата градина, а не оваа за која можам да ти држам предавање!
Е мудрост, си помислив! Кај нас многу работи се изметнуваат, па што останало за лозите или овошките. Ама изгледа народот најмногу се изметна. Не мислам овде само на мојот македонски народ, туку и на денешните потомци на народите што се во уставот или чекаат да бидат запишани во него. Зарем народот кој го изнедрил законикот на Дукачини, што е пример за висок морал и доследност се препознава во домаќините што не плаќаат струја и им наштетуваат на своите комшии што чесно си ги плаќаат обврските.Кон државата можеш да имаш различен однос ама кон соседот мора одговорно и домаќинси да се однесуваш.Така стои во тој законик .Се изметнала до денес тврдата беса и авторитетот на домаќинот. Понатаму споредбите може да ги прави секој за себе или за другите свои сонародници.
За мојот народ можам со мирна совест тоа да го правам. Деновиве над камената плоча што ја одбележува родната куќа на Тодор Александров се полагаше цвеќе за одбележување на денот на неговата погибија. Неизбежно е да се прават споредби со него. Во документите кои ни се достапни стои дека бил скромен и неподложен на луксуз. За себе не сакал ништо повеќе, отколку обичниот член на Организацијата.Спиел на обичен железен кревет. Во тешки времиња го водел народот и за своите одлуки платил со живот. Во црковниот двор се погребани коските на Христо Чернопеев. Децата му гладувале, а тој не сакал од лирите „мистонки“ да потроши на нив. Епа, зошто се изметнаа неговите наследници во организацијата?:Уште за негово време Тодор го критикувал Ванчо Михајлов за начинот на кој живеал.–Од комити се изметнаа во државни заплатници (според тогашната терминологија) од војводи во кафански кавгаџии, а од револуционери комитетлии во неубедливи политичари. Споредете ги денешните челници на партијата со пораката на „стариот“.Изметнувањето како процес е лесно согледлив Многу прашања допрва ќе треба да бидат одговорени за заслугата да се носат четирите букви што се идентитет на македонскиот народ. Еден мој пријател има добра досетка во која вели: од сокол буф се претворија, а од буф во утка се сторија, та само утат и утнуваат.
Да не останат некоментирани и наследниците на комунистичката партија. Тие тогашните оригинали се бореле за сопствените идеи за порамноправно општество, за подобар живот. Грешеле, ама верувале во својата идеа. Од неписмен народ на занаетчии и земјоделци изградија држава, која ги имаше сите нишани на организирана задница. Во што се изметнаа нивните наследници барем според декларираноста? Во безлична социјалдемократија која ја водат личности, кои поседуваат милиони евра. Ај некој нека ми го објаснат зедничкиот интерес меѓу сопственикот на капитал и наемникот. Стопати да се декларираат како левичари и членови на иста партија, самата природа на односите ги става на спротивставени страни.Се разбира доколку не се дел од новата класа наречена јавен сектор. Знам дека ги подзаборавивме овие постулати на марксистичката наука, ама тоа не ги прави невистинити.Економски е лесно да се докаже процесот на изметнување.Економијата на СРМ вредеше 1990 г. околу девет милијарди долари а колку вреди економијата на РСМ денес?Се надевам дека инфлаторните стапки за овие триесет години лесно се пресметуваат.
Се изметнаа, ќе рече мојот комшија што на свој грб го почувствувал секој од тие чекори на изметнувањето. Останаа само купиштата партиски тези што ги чуваат во некој партиски подрум како потврда на непостојаноста на определбите, а постојаноста на интересите.
„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, така пишува на споменикот на даскалот Делчев на ѕидот на училиштето во кое ги учел некогашните новоселци во Штип. Сега таму е ректоратот на Универзитетот што го носи неговото име.
Кога таму се поклонуваат професорите на пригодните датуми си го поставуваат ли прашањето, кое е нашето поле за натпревар? Светот е широк, ама животот не е поле по кое може само да се помине. Господа историчари не ви се потребни никакви комисии. Историјата денес е збир од дваесетина гранки низ кои се докажува минатото. Истражувајте документи и научни докази и со аргументи, докажете ја историската вистина која сега ја тврдите, а не нѐ оставате ние обичните граѓани да бидеме ставени на сомнеж дека сето што досега сме го научиле било само некаков политички проект. Не е пријатно кога за некои од некогашните наши штипјани во светските енциклопедии ќе прочитаме некаква друга вистина. Професори од техничките науки сега е вашето време да го изложете своето знаење за користењето на енергијата и за нејзиното производство. Кој ако не вие може да го направи тоа? Доста учевте студенти за нископлатените работни места во странство. Инаку констатацијата е иста како и за политичарите. Се изметнавте од универзитетски професори во учители на дисперзирани паралелки. Нашите турски сограѓани велат „не бива те чалма, те оџа“.
Во што се изметна новинарството нека пишува и критикува некој друг зошто не верувам во самокритика зошто тоа ми изгледа недостојно. Ако нешто знаеш дека не е добро тогаш не го прави е единствената вистина. Сѐ друго е лигаво оправдување.Не знам зошто, ама на ум ми паѓа насловот на еден албум на Џетро Тал од пред 45 години – престар за рокенрол, а премлад за смрт. Ова ми личи на голем број млади политичари, кои во политика влегоа со дваесет и неколку години. Сега се престари за промени, а се премлади за пензија.Во меѓувреме нараснаа нови млади кои се нестрпливи да ги заменат на партиските и државните јасли и самото тоа е доказ дека се изметнале некогашните надежни млади политичари во исфрустрирани средовечни мрчатори на се околу себе.Музиката од Џетро Тал можеби нема да им се допадне на некогашните млади активисти, ама текстот не е на одмет да го слушнат. Англиски треба да разбираат, после толку курсеви за разни управителски места.И за Тојфел имаат потврда а не за превод на рок енд рол текстови.
Промените се секогаш потребни, ама изметнувањето не е промена, туку разнебитување на оригиналот.