Израел започна со ослободување на палестинските затвореници во саботата од затворот Офер на окупираниот Западен Брег, во последната рунда ослободувања според договорот за прекин на огнот, откако Хамас претходно ослободи тројца заложници, јави Си-Ен-Ен, пренесе ЦИВИЛ Медиа.
Околу 40 затвореници биле во автобус кој пристигнал во Рамала од затворот Офер, каде што израелските власти ги собрале оние што треба да бидат ослободени според договорот за заложници.
Дел од ослободените затвореници беа носени од толпата што се собра да ги пречека.
Хамас соопшти дека очекува Израел да ослободи 183 палестински затвореници во сабота како дел од договорот за прекин на огнот и заложниците.
Канцеларијата за медиуми на Хамас за затвореници во петокот објави список со имињата на оние што очекува да бидат ослободени.
Осумнаесет од затворениците отслужуваат доживотна казна, додека 111 се уапсени во Појасот Газа по 7 октомври 2023 година, се вели во соопштението на канцеларијата. Обвиненијата против 111 не беа јасни.
Комисијата за прашања на палестинските затвореници и Здружението на палестинските затвореници потврдија дека вкупно 183 затвореници ќе бидат ослободени во сабота.
Д. Т.