Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир го повика својот колега, екстремно десничарскиот министер за финансии да му се придружи во заканите дека ќе ја урне израелската влада поради појавениот договор за прекин на огнот и заложниците со Хамас.
Како што пренесува Си-ен-ен, министерот за национална безбедност, Бен Гвир го повика министерот за финансии Безалел Смотрич да му се придружи и да му каже на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека ќе поднесат оставка од владата бидејќи потенцијалниот договор е „ужасен“.
На Нетанјаху му е потребна поддршката од партиите на двете министри во парламентот за да ја спречи неговата коалиција да пропадне.
„Во текот на изминатата година, преку нашата политичка моќ, успешно го спречивме овој договор одново да се движи напред“, објави Бен Гвир во вторникот на X.
Министерот рече дека само неговата оставка нема да го принуди Нетанјаху да го преиспита потпишувањето на договорот за Газа – кој моментално е во последната фаза од преговорите – но заедно со Смотрич, тие можат да формираат „доволно силна сила што ќе го оневозможи“ Нетанјаху да продолжи понатаму.
И покрај тоа што потенцијалниот договор го нарече „катастрофа“ за националната безбедност на Израел, Смотрич не се закани дека ќе поднесе оставка од владата.
„Заедно, мораме недвосмислено и цврсто да го информираме премиерот дека ако договорот оди напред, двајцата ќе се повлечеме од владата“, рече Бен Гвир.
Двајцата екстремно десничарски министри беа сојузници пред да се скараат околу финансирањето на полицијата.
Подготви: Д. Мишев