Моите приказни не се трагични. Комични се. Раскажуваат за глупоста во која живееме. Смејте и’ се на глупоста во лице. Тоа е единствениот начин да останеме здрави.
Кога одам во некој клуб или бар најчесто немам обичај да висам по шанкови, преферирам сепариња или ќошеви, некако од таму најдобро ја посматрам целата ситуација, но, понекогаш знам и да висам на шанк. Обично тоа го правам кога одам во бар, во некое време од денот кога тоа не е време за „искачање“.
Онака, знам да седнам и целосно да се опуштам и препуштам на моментот. Да заборавам каде сум. Некои знаат да кажат дека шанкот (читај: барот) можеби е единственото место каде што човек повеќе се исповеда гласно за своите болки и проблеми, па дури повеќе и од моментот кога оди кај својот психолог. Ова е само мит, да сме на јасно.
На шанкот сум сам. Кафулето е речиси празно. 18:30ч. Период кога градот одмара или мисли дека одмара. Шанкот, одлично изгледа. Полн е со пијалаци, баш онака како што треба да изгледа еден совршен шанк. Порачувам пијачка, 4 рози Х 2, во една чаша. Шанкерот кој е наспроти мене, момче, на околу триесетина години, делува прилично здрав. Има строг поглед и личи како цел свет да му е виновен за нешто. И, додека ги наточува четирите рози со строг поглед, правам анализа за тоа да проценам кој би можел да биде тој? Ми ја сервира пијачката пред мене. Заборавам на анализата.
„Водата обична или флаширана“ ме прашува.
„Флаширана“ му велам.
Во барот свири Џони Кеш, ‘Personal Jesus’ преработката од Депеш Моуд. Некои знаат да кажат: ‘Ако Џони Кеш ти преработи песна, тоа значи дека песната веќе не е твоја’. И ова е мит, се разбира.
Невообичаено е за бар во Скопје да ја слушам музиката на Џони Кеш. Има, но не секаде. Можеби тоа беше една од причините заради кои и седнав тука. Ја сакам музиката на Џони Кеш. Многу.
Лево од мене седнува еден познат човек од градов. Го знам од театар, но, воопшто не можам да се сетам точно од кој театар. Го знам, а не го знам. Друштво му прави женско лице.
Мислам, но никако не можам да се сетам. Прашално погледнувам во шанкерот, насочувајќи кон човекот со израз ‘знаеш кој е?’. Шанкерот само очите ги носи натаму. Гледа и крева раменици. Прави израз на лицето со кое ми дава до знаење дека не знае кој е. Се’ си кажавме, а ништо не изустивме.
Десет минути ништо не се случува. Само Џони Кеш, пее ли пее. Поминаа и ‘Hurt’ и ‘One’.
Во шанкот влегува девојка. Зема чаша, ја полни со лед од ледоматот и ја полни со вода, од чешмата. Ја испи одеднаш. Седна на барското столче во шанкот и тивко почна да зборува со шанкерот. Јас, се разбира ништо не ги слушам.
„Го гледаш оној што седи онде“ изустува девојката.
„Го гледам“ вели шанкерот. И погледот го врти кон мене, со блага насмевка на лицето. Веројатно затоа што пред само малку имавме невербална комуникација на истата тема. На иста линија сме. Девојката продолжува.
„Е, тој работи во театар, односно работи како експерт за препрочитување, поточно, препознавање на добри текстови, драматизации.“
„А ха, ОК, и?“ рече шанкерот.
„Е па него му го однесов текстот ‘Сликата на Доријан Греј’ тој е тој што го одби.“
„Аааааааа“ потврдно одговори шанкерот и додаде: „Потсети ме, што беше причината за која беше одбиена“. И повторно погледнува во мене, како да сака да ми каже: ‘Слушај!’. Девојката тивко продолжува.
„Ми рече дека премногу литература имало во драматизацијата која сум ја направила. 15 месеци работев на таа драматизација.
15 месеци од дома не излегов за да го сработам како што треба и да го доставам уредно со сите можни точни драматуршки линии во него, и истиот да почне да се работи веднаш.
15 месеци секој ден, куцање, прекуцување, создавање нови моменти, креации, бришење сцени… 15 месеци живеев со сите ликови исто како да ми се цимери, како да се дел и од моето секојдневие кое го живеев низ Скопје и ги гледав во секој еден човек од градов. Скратив сè што можеше да се скрати, клучот на делото го оставив за да има поента сето тоа. Да експлодира суштината која ја напиша Оскар Вајлд таму. Преку двесте пати го препрочитав последните два месеци целиот текст кога веќе беше ‘готов’ и кога ги правев последните корекции. После 15 месеци собрав храброст и го однесов во театар. Ми рекоа дека ќе ми се јават за 48 часа за одговор. 48 часа буквално не спиев, не јадев, не пиев ништо. Не дишев бе човече. Бев во исчекување на резултатот за делото кое стана орган од моето тело. На третиот ден ме викнаа во театарот. Е, оној што седи онде со цурана. Дојдов пола саат порано од договореното. Ме прими во канцеларија и кратко ми рече:
‘Касниш. Види, морам да одам, имам многу важен состанок. Текстов ти е добар, но, има премногу литература во него.’
‘Ќе те замолам да ми обрнеш 30 минути внимание бидејќи 30 минути сум порано дојдена од договореното. Не, не доцнам, половина час порано сум дојдена. Очекувам да ми посочиш каде точно грешам и што да скратам за да знам на што точно мислиш, ти како експерт. Година и три месеци работам на делово. Очекувам конкретен и суштински одговор.’ му реков.
‘А бе види, не е сеа мое ја да ти кажувам што да кратиш, што да досредуваш и така натаму, види таму среди си сама и дојди догодина, можда ќе пројде догодина, годинава ништо. Мислам, ОК е, ама, ај дој догодина. Извини сега, стварно морам да одам.’
‘А, состанокот каде што мораш да одиш каков е, да излижеш нечив г’з?’
Се укочи. Ликот му зацрвене. Вените му излегоа на вратот за помалку од една секунда. Да можеше мислам и дека ќе ме удреше. Се смири кратко и рече:‘Не доаѓај ни догодина!’
‘Нормално дека нема да дојдам бе друже. Сè додека вакви како тебе решаваат што треба, а што не требa да има на репертоарот во театрите ич нема да дојдам. И не само јас и многу други како мене нема да дојдат’
И излезе. Тогаш сфатив дека многу веројатно е дека воопшто и да не го читале текстот, дека, ете така, одлучиле, одлучиле од причина што, јас не сум некоја која е на списокот кои треба да бидат третирани рамноправно со останатите во театарот, односно немаат некој свој внатре кој ќе рече:‘Слушај, ова проаѓа, што и да е, проаѓа. Збор да не чујам’. И да стојат мирно пред него. Да имав некој таков во министерство, мислам дека и ручек ќе ми направеа кога доаѓав во театарот. Ама немам.
Човеков дури не ме ни поздрави кога излезе. Мене ми се сруши светот во тие пет минути додека седев во таа празна и стерилна канцеларија во која очекував делото да ми биде прифатено. Останав таму уште малку и потоа заминав од таму, засекогаш.
Си ветив сама на себе дека веќе никогаш нема да се вратам додека на вакви луѓе им е дадена шанса да решаваат кој да работи во театар и какви дела треба да има на репертоарот. Еве, да речеме и дека бил во право, дека навистина имало премногу литература во текстот. Човече за Сликата на Доријан Греј збориме, за капитален роман, за книга која зборува за црвот во општеството, за гнојот кај човекот. Па тоа е дело кое задолжително треба да го има на сцените во театрите. Особено во народните. Најмалку што очекував е да ми рече, ОК, има многу литература, ама, ова е добро. Ајде од утре дојди и да почнеме да ја средуваме заедно целава драматизација, да го стегнеме драматуршки, да коригираме каде што треба да се коригира и полека, полека да го поставуваме на сцена. Тоа очекував да ми го каже. Тоа очекувам да ми каже еден, како што се нарекува самиот себеси посветен театарски работник. Човек што верува во театарот. Единствено што можам да кажам е дека во овој град, во оваа земја суетата е најприсутна кај апсолутно тотално небитните луѓе. Дај една пијачка.“ со ова го заврши говорот девојката.
Каков говор си помислив. Молчам и се правам дека ништо не слушам. Девојчево буквално згази со муабетов. Во две минути на глас го кажа она што 80 проценти од театарџииве, а и не само театарџиите го мислат во оваа земја.
И, нормално, иронијата не би била дел од нас ако не целосна. До шанкот пријде човекот за кого до сега зборуваше девојкава. Најучтиво се обрати.
„Ќе ве молам, може ли да добиеме уште два џин тоника“.
„Може“ рече шанкерот.
И додека чекаше да му стигнат пијачките ја праша девојката.
„Се знаеме од некаде?“
„Не“ кратко одговори девојката.
„Нешто си ми позната“ рече човекот.
„Не верувам дека сме се сретнале“ рече девојката и додаде:
„Не верувам дека сме сретнале, јас не можам да се сетам на тебе. Не оставаш впечаток на некој кој би ми оставил впечаток во животот. Си се помешал со некоја друга.“
„Мислам дека знам од каде те знам“ рече човекот.
„Не брат, ти не мислиш ништо. Ти само мислиш дека мислиш и тоа те убива секој ден, полека, полека“ рече девојката и набрзина замина од шанкот.
Шанкерот му ги сервираше пијачките. Човекот ги зема и се врати на масата каде што седеше, прилично збунет.
„Ти брат сакаш уште нешто“ ме праша шанкерот мене.
„ Да“ одговорив. „Ја сакам музката на Џони Кеш и сметката во исто време, ако може“ реков.
„550 денари“ рече шанкерот и се насмеа.
Ја ислушавме без ништо да изустиме и ‘Ring of Fire’ која одеше во моментот.
Станав. Платив и заминав.