Како дел од повеќедневната Конференција на ЦИВИЛ „Перспективи 2022“, во среда на 15 декември, со почеток во 12 часот во Скопје ќе се одржи панел – дискусијата „Едно општество за сите – сегашност и перспективи“.
Каква е состојбата со спроведувањето на Стратегијата „Едно општество за сите“? Каде има напредок, кои се слабостите? Кои се очекувањата, препораките и прогнозите за претстојната година? Учесниците на овој дел на конференцијата ќе зборуваат за досегашните постигнувања и предизвици во областите во кои дејствуваат, како и за тоа што треба да се направи и што не очекува во однос на спроведувањето на овој концепт во идната 2022 година.
Предвидени говорнички и говорници на настанот се:
- Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам и Едно општество во Владата на Република Северна Македонија
- Џелал Хоџиќ, заменик-директор во Агенцијата за остварување на правата на помалубројните етнички заедници
- Ели Чакар – државен советник во Министерството за локална самоуправа
- Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите во Македонија
- Лулзим Хазири, извршен директор на граѓанската организација АДИ од Гостивар
- Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – Центарот за слобода
Во рамки на дискусијата, преку видео – обраќања на оваа тема ќе говорат неколку државни функционери: претседателот на државата Стево Пендаровски, народниот правобранител Насер Зибери, претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Весна Бендевска, министерката за образование Мила Царовска, министерката за труд и социјална работа Јагода Шахпаска и министерот за правда Бојан Маричиќ.
Панел – дискусијата ќе трае 90 минути, и ќе се одвива во комбиниран формат – со физичко присуство и онлајн преку платформата Зум. По обраќањата, ќе следува дискусија со панелистите и учесниците на конференцијата, а онлајн заедницата ќе има можност да коментира и поставува прашања. Целиот настан ќе биде пренесуван во живо преку онлајн платформите на ЦИВИЛ Медиа.