Карлес Пуџдемон, сменетиот лидер на Каталонија, најави дека нема да бара политички азил, но нема да се врати во Шпанија додека властите не му гарантираат правично судење.
Пуџдемон и останатите 13 сменети официјални лица на Каталонија се повикани од шпанското правосудство во четврток и петок да се појават на суд на сослушување.
Обвинителството претходно побара кривично гонење против нив поради потикнување бунт.
Неговиот адвокат најави дека тој нема да се враќа во Шпанија, а доколку шпанските власти сакаат екстрадиција, за тоа ќе одлучуваа белгиските судии, а не власта.
Белгискиот премиер Шарл Мишел изјави дека Пуџдемон за време на престојот во Белгија има ист третман со кој било граѓанин на Европа.
Пуџдемон е сменет минатата недела откако прогласи независност на Каталонија. Централните власти итно воведоа директна принудна управа и ја укинаа автономијата на областа.
Она што ја очекува Шпанија во наредниот период се вонредни регионални избори на 21 декември.