За намалувањето на поддршката на граѓаните за членство во ЕУ, а по повод неодамнешното истражување на „Балкан барометар 2021“ на Регионалниот совет за соработка, кое детектира пад на поддршката за членство на Северна Македонија во ЕУ од 53 отсто, ЦИВИЛ разговараше со Малинка Јорданова од ЕПИ.
„Многу очекуван и логичен е падот на оптимизмот на граѓаните за пристапувањето на нашата држава кон ЕУ. Ветото на Бугарија и немоќта на државите-членки да се справат со блокадата е секако основната причина за тоа. Дополнително, преку нерешавањето на ова прашање граѓаните многу конкретно, на свој грб, осознаваат дека во ЕУ во моментов нема расположение за проширувањето, што придонесува да се зголеми песимизмот. Скоро една третина од граѓаните – 31% (за разлика од 25% лани и 22% во 2019) сега мислат дека никогаш нема да станеме членка на ЕУ“, вели Јорданова.
Од друга страна, таа вели дека може да се забележи остра разлика во очекувањата – додека 28% од граѓаните веруваат дека членството може да се очекува до 2025 година, 35% мислат дека тоа може да се случи до 2030 година.
Овие очекувања, пак, се нереални, имајќи ја предвид досегашната динамика на пристапувањето на Црна Гора и Србија и фактот дека таа значително успорува, особено по донесувањето на новата Стратегија за проширувањето. Сепак, ваквата „нереалност“ се должи во голема мера и на авторите на анкетата, кои ги дале како опција овие години за избор“, вели Јорданова за ЦИВИЛ Медиа.
„Да престане компромитацијата на вредностите на ЕУ е единствениот пат за враќање на довербата на ЕУ во случајот на Македонија. Секако, тоа е во рацете на институциите на ЕУ“, е пораката на Јорданова во однос на насоките што понатаму.
Д.Т.