Јован Јаулески е избран како нов претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, по вчерашната оставка на Лука Кржаловски.
Јаулески на својот фејсбук профил изјави дека му претставува чест и обврска за дадената доверба од страна на Извршниот комитет и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да ја предводи УМС како претседател во овие тешки моменти со кои се соочуваат.
„Како ново избран ВД претседател на Унијата на млади слили на нашата матична партија ВМРО-ДПМНЕ се додека не се избере нов претседател, УМС ќе продолжи да работи сплотено како и досега така и понатаму да биде чувар на државните интереси и да се бори за доброто на младите во Република Македонија.
Браќа и сестри, како долгогодишен член на УМС чуствувам одговорност да застанам рамо до рамо во борбата за опстанок и рушење на оваа ненародна власт! Воден од идеологијата на ВМРО и цврсто верувајќи во политиката на партијата верувам дека нашиот труд и борба ќе вроди плод!“, напиша Јаулески на својот профил.
Вчера, претходниот претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Лука Кржаловски, даде неотповиклива оставка од функцијата.
Кржаловски посочи дека оставката ја дава затоа што не сака да биде дел од дворските игри кои го одвлекувале вниманието на партијата од вистинските проблеми.
„Покрај тоа што моменталното раководство имаше скоро цела една година да излезе со една сеопфатна стратегија за одговарање на горливите прашања, тоа не само што не се случи, туку и ништо не навестува дека ќе дојде до промена на курсот. Додатно, гледаме дека има континуирано влошување на односите со клучните меѓународни фактори, кои што сакале ние да признаеме или не, имаат огромно влијание врз политичкиот живот во нашата држава и во поширокиот балкански регион. Ова е очигледно од се појасното дистанцирање на нашата партија од најмоќното политичко семејство на континентот – Европската Народна Партија-каде што лежат нашите вредности и интереси, уште од самото основање на ВМРО-ДПМНЕ. Друг пример е фактот дека клучни носители на одлуки од американската администрација целосно одбиваат да дискутираат со моменталното раководство т.е. воопшто не ја сметаат нашата партија за релевантен фактор“, стои во образложението на оставката на Кржалоски.
А. Петровска