Categories

ПРАВНИ ПЕРСПЕКТИВИ Како да се одлучам за претседател во осум чекори

Кога решавате за кој кандидат за претседател на државата да гласате, добро е да се има предвид што треба и што може да прави претседателот согласно Уставот на Република Северна Македонија, и секој од кандидатите да се погледне низ призмата во која мера има капацитети да ги исполни овие функции.

Мирјана Најчевска

Прво, претседателот на Република Северна Македонија ја претставува Републиката. Тоа значи дека кандидатот за претседател на државата не смее да се поврзува само со една партија, односно, со една политичка опција. Најдобро е ако не се поврзува со ниту една партија, меѓутоа мислам дека тоа во Република Северна Македонија не е можно. Тоа значи и дека идниот претседател ќе ја претставува Република Северна Македонија согласно направените измени во Уставот на државата.

Второ, претседателот своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите кои ги донесува Собранието на државата. Тоа значи дека ни е потребен претседател кој ќе ги почитува Уставот и законите, а не кој однапред изјавува дека нема да ги почитува.

Трето, претседателот на Република Северна Македонија предлага членови во највисоките тела поврзани со правосудниот систем и предлага и именува други носители на јавни и државни функции. Тоа значи дека ни е потребен претседател кој нема да ги партизира овие органи и кој ќе даде придонес во градењето на моќен систем на контрола на власта.

Четврто, претседателот на државата дава помилувања. Тоа значи дека за претседател на државата ни е потребен човек кој ја разбира суштината на овој институт и нема да го користи за политички/партиски потреби.

Петто, претседателот на државата има контролна функција при донесувањето на законите, меѓутоа нема право на вето на ниту еден закон донесен од страна на Собранието. Тоа значи дека ни е потребен претседател кој си ја знае улогата и кој ги знае границите на својата функција.

Шесто, потребен ни е претседател од кој во текот на неговиот мандат Собранието барем еднаш ќе побара мислење, затоа што го цени и затоа што неговиот збор има тежина, а не е само марионета на некоја партија.

Седмо, потребен ни е претседател на државата кој ќе има активна улога во односите со другите држави и со меѓународните организации, и кој ќе дава предлози на тој план до Собранието на државата. Значи, не претседател што видните странски државници не сакаат да го сретнат дури и кога се посета на нашата земја, а за надвор од земјава – и да не зборуваме.

Осмо, претседателот на државата има клучна улога во ситуации кога се прогласува воена или вонредна состојба. Тоа значи дека ни е потребен човек кој цврсто стои со двете нозе на земја и кој нема лесно да биде изваден од колосек, меѓутоа и кој може да пресече и да донесе одлуки во најтешки можни моменти без непотребно колебање, а притоа не ги прекрши нашиот Устав и барем пола од законите.

Да сумираме: претседателот на државата не вработува, не решава имотно-правни спорови, нема врска со урбанистичките планови, не дава субвенции, не решава за блок-дотации…

Според нашиот Устав, претседател на државата може да биде фикус, но може да биде и моќен промотор на развојот на државата и значаен дел од балансирањето на власта.

Погледнете ги понудените кандидати низ оваа призма. Имате право да го изберете кандидатот за кој мислите дека најдобро може да ги обавува овие функции и имате право да не излезете на гласање доколку мислите дека ниту еден од понудените кандидати не е соодветен за претседателската функција. Изборот е ваш.

 

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.

Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста

Print Friendly, PDF & Email