пишува: АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
Локалната власт и децентрализацијата се најпартиципативниот облик на демократија во која граѓаните непосредно ги креираат политиките за исполнување на нивните интереси. Локалните избори за градоначалници и советите на општините во Република Северна Македонија се распишани и ќе се одржат на 17 октомври, објавено е во Службениот весник на Република Северна Македонија.
На оваа исклучително важна тема за јавниот интерес, ЦИВИЛ посветува посебно внимание и како организација и преку својата медиумска продукција. Поранешниот министер за локална самоуправа, Ризван Сулејмани, поранешниот заменик министер за локална самоуправа, Дејан Павлески, актуелниот градоначалник на Велес и член на Управниот одбор на ЗЕЛС, Аце Коцевски и поранешниот градоначалник на најголемата скопска општина Карпош, Стевче Јакимовски, се согласија да учествуваат во своевидна „трибина“ која непосредно пред официјалниот почеток на изборната кампања ја организира медиумската платформа на ЦИВИЛ и во микрофон да зборуваат за значењето на локалната власт. Во подготовка на овој проект разговаравме со нив за најактуелните прашања поврзани со претстојните локални избори и децентрализацијата и најавени, па – одјавени промени во Изборниот законик кои се однесуваат на локалната власт.
Демократијата функционира на локално ниво
Од степенот на децентрализација зависи и нивото на демократизацијата на едно општество, затоа што демократијата најдобро функционира на локално ниво.
„Прашањето на децентрализација како предуслов за поголема демократизација на една држава, но и како механизам за постигнување економски и политички цели речиси секогаш е актуелно. Во нашата држава темата беше многу актуелна, а дискусиите беа гласни и, на моменти, жолчни, по 2001 година, а посебно во периодот 2002-2006 кога се донесуваше Законот за локалната самоуправа и, особено, Законот за територијална организација на локалната самоуправа“ – вели, меѓу другото, во својата изјава за ЦИВИЛ Медиа, поранешниот министер за локална самоуправа и експерт за децентрализација, Ризван Сулејмани.
Во својство на министер за локална самоуправа во периодот 2004-2006 во предговорот на владиниот „Детален план за трансфер на надлежностите и ресурсите во процесот на децентрализацијата“, Сулејмани пишува дека „децентрализацијата е наш избор и како процес треба што е можно повеќе да се оттргне од политиката и на неа да не се гледа како на политички проект наметнат од надвор, туку да се третира како процес кој е првенствено во интерес на граѓаните“.
„Со децентрализацијата треба(ше) да се постигнат две цели: доброто владеење што ќе се постигне преку поголемо учество на граѓаните во донесување одлуки од нивен интерес и со поголема граѓанска контрола врз работата на општините да се зголеми демократскиот капацитет. И втората цел, со повисок политички дострел да им овозможи на заедниците поголем пристап до ресурсите преку нивно поголемо учество во одлучувањето“ – изјави Сулејмани за ЦИВИЛ Медиа.
Се очекуваше овој процес да има витална улога во развојот на плуралната демократија. Меѓутоа, автократски режими, вооружени конфликти, континуирана економска и социјална криза, бранот на граѓанска апатија, возбуда, стравови и вознемирувања, придонесоа овој процес да биде забавуван, а од време на време и закочен. Таквите демократски подеми и падови во Македонија не дозволија вистински да процвета токму областа во развојот на државата што е темел на секое демократско општество – максимално исполнето и супстанцијално функционирање на локалната самоуправа, со автономни финансиски, материјални, политички, кадровски и други ресурси.
Законската регулатива постојано се подобруваше, посебно од 2001 година наваму, но економските, социјалните и политичките ограничувања продолжуваа да бидат голема пречка за целосно остварување на она што беше и е запишано во законите. Граѓаните и понатаму останаа недоволно вклучени во процесите на владеењето на локално ниво, почнувајќи од планирање на локалното управување, буџетирањето на активностите, до контролата на тоа како се трошат заедничките локални пари.
Пред „историски“ одлуки: Сакаме – не сакаме промени
Сега сме повторно пред локални избори за кои многумина зборуваа дека ќе бидат „историски“ бидејќи требаше да го сменат начинот на изборот на градоначалници и креирање на Советите со што „треба(ше)“ да им се „пресуди“ на лидерските и партиските елити на македонската политичка сцена.
Меѓутоа, судејќи по тоа како почна да се „спроведува“ кампања, главните „национални“ теми ќе ги маргинализираат локалните теми и програми за локален развој за кои граѓаните посакуваат и очекуваат да зборуваат кандидатите за советници и градоначалници. Изгледа дека Македонија повторно ќе гласа за лидерите и изборните програми на политичките партии, а не за решавање на конкретните локални проблеми и за конкретните кандидати во општините.
На 28 јули Собранието на Република Северна Македонија ја изгласа потребата за измена на Изборниот законик по скратена постапка. Измените во парламентот влегоа како предлог на Јован Митрески од СДСМ, Никола Мицевски и Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, Арбер Адеми од ДУИ и Скендер Реџепи, координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива. Сите парламентарни политички партии направија нацрт закон во кој се предвидува дека, ако некој сака да се кандидира за градоначалник на претстојните октомвриски локални избори како независен кандидат потребни му се потписи од два отсто од гласачите кои се запишани во општинскиот избирачки список. Кандидатите за советници треба да се пласираат ако освојат најмалку 3 отсто од запишаните гласачи.
Овие два отсто, всушност, значат многу повеќе собрани потписи за независните кандидати во споредба со досегашната законска регулатива. Овие предлози влегоа во собраниска процедура и за нив требаше по брза постапка да се гласа по годишните одмори на народните избраници, но идејата набргу „падна во вода“ за, според најавите да оживее повторно по изборите.
Ваквите најавени измени предизвикаа цунами од реакции. Специјално за ЦИВИЛ Медиа на оваа тема како увертира на поширока елаборација, го пренесуваме мислењето на Аце Коцевски, Ризван Сулејмани, Дејан Павлески и Стевче Јакимовски, како и јавно изнесените ставови на повеќе интелектуалци, аналитичари и лидери на политички партии.
Аце Коцевски: „Лепачи на плакати“
Според Аце Коцевски, во системот на локалната самоуправа, евидентна е потребата од промена на структура на луѓето кои ќе раководат со општината. Тој ја истакнува потребата во советите на единиците на локалната самоуправа да влезат луѓе кои ќе водат грижа за јавниот, а не за партиски интерес – луѓе кои се спремни дел од своето слободно време да го посветат за општо добро на граѓаните и за добробит на својата општина.
„Сега, според постојниот модел, за жал, советите и нивна структура се пополнети со партиски кадри регрутирани воглавно од „лепачи на плакати“ кои по секоја цена се трудат да станат членови на советот, не за да работат за општо добро, туку за паушалите кои за членовите на советот воопшто не се мали“ – констатира Коцевски.
Личниот став на Коцевски коинцидира со оној на ЗЕЛС дека е потребно да се воведат отворени листи на кои ќе се најдат луѓе, кандидати кои уживаат голема доверба од заедницата. Коцевски не се согласува да се прават измени на изборната законска регулатива во пресрет на изборите.
„Апсолутно сме против ваквите промени да се прават и да се дискутираат во пресрет на избори, а процесот на промени мора да биде апсолутно транспарентен, консултативен со многу фактори и со почитување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. За овие избори најдобро е да не се влегува во промени, бидејќи ќе се искомплицира и ситни работата, тешко ќе биде за формирање коалиции, ќе се отворат дилемите како да се балансира решавањето на проблемите во интерес на граѓаните“ – вели Коцевски во својата изјава за ЦИВИЛ Медиа.
Ризван Сулејмани: Лоши и добри страни
„Ако постојниот изборен модел за Советите на општините го посматраме низ призма на досегашната пракса и од аспект дека ваков каков што е, нуди поголема ефикасност на советите, тогаш можеме да го сметаме како добар. Меѓутоа постојниот модел не дава доволно шанса на младите и на независните кандидати, на граѓански организации на интересни групи, вклучувајќи ги и помалите етнички заедници. Ако целта на промените е во локалната самоуправа да имаме што повеќе шаренолик состав во кој ќе бидат вклучени разни групи, поединци кои до сега немале шанси да се вклучат во Советите или да се кандидираат за градоначалнички позиции преку партиски кандидатури, тогаш со измените таа цел би се постигнала. Но тоа може да биде на штета на ефикасноста“ – вели, меѓу другото, Ризван Сулејмани во својата изјава за ЦИВИЛ Медиа.
Понатаму, Сулејмани предупредува и на бројните предизвици со кои може да се соочат општинските советници.
„Мораме да бидеме претпазливи дека таквиот начин на формирање на советите или изборот на градоначалници може да отвори нови искушенија во локалната власт, може да стимулира нови валкани игри, да продуцира корумпирање на младите кои сега влегуваат во советите, може да стимулира појава на силни лоби групи кои ќе вршат притисок врз независните советници да одработуваат во нивен интерес, да ги корумпираат на разни начини, да им ветуваат одредени бенефиции, повластици, функции… но и да ги застрашуваат ако не се приклучат кон одредена групација или интересна група.“
Сулејмани вели дека токму поради тие предизвици, мораме да бидеме многу претпазливи при внесување промени во Изборниот законик, бидејќи ваквите појави можат да ни се случат веќе пред избори, пред да воопшто почне гласањето.
„Уште еднаш ќе повторам, нема идеален модел, можеби постојниот модел во изминатиот период и изминатите мандати, ако не се покажал како добар, не се покажал ни како многу лош. Затоа кон измените мора да се пристапи со широки консултации почнувајќи од науката, до граѓанскиот сектор почитувајќи ги искуствата на другите земји и препораките на ОБСЕ/ОДИХР.“
Дејан Павлески: Општествениот интерес треба да биде над личниот
Дејан Павлески го истакнува значењето на моралниот и политичкиот интегритет и кредибилитет на луѓето што ги предводат единиците на локалната самоуправа.
„Кандидати за функциите во единиците на локалната самоуправа треба да бидат луѓе со интегритет, кои општествениот интерес ќе го стават над личниот. Од оваа позиција треба да се раководат и партиите кога предлагаат кандидати за градоначалнички места и за советници. Општествената функција подразбира максимален ангажман за добробит на заедницата за време на целиот мандат, а по истекот на мандатот, со чист образ, враќање на поранешното работно место“ – вели Павлески за ЦИВИЛ Медиа.
Павлески остро ја критикуваше практиката на политичарите да ветуваат пред избори, а да ги забораваат ветувањата веднаш откако ќе стапат на функција.
„Праксата за жал покажала дека, пред да бидат избрани, ветуваат дека ќе работат во полза на јавниот интерес и во полза на граѓаните, а после освојување на мандатот, се трансформираат во алатки на партијата или јавниот интерес го запоставуваат за остварување на личните цели. Тешко е да се каже дали е тоа поради лични амбиции да се капитализира функцијата или подлегнуваат на влијанието на разни интересни групи“ – констатира Павлески.
„Доколку носителите на овие функции успеат да остварат подобра вертикална и хоризонтална координација на националните и локалните политики и спроведување на интегралните развојни проекти, прилагодени на локалите потреби и услови, тоа ќе резултира со добар локален развој и задоволни граѓани“ – заклучува Павлески.
Стевчо Јакимовски: Исплашена е и позицијата и опозицијата
Поранешниот градоначалник на општина Карпош чиј мандат беше исполнет со контроверзии во водењето на локалната власт оценува дека предложените измени кои се за сега ставени на „лед“ се резултат на страв и кај позицијата и кај опозицијата дека граѓаните, на локално ниво ќе им ја одземат власта, ќе ги загрозат нивните позиции и дека периодот на самоволие во локалната самоуправа е минато.
„Кандидатите кои тоа го разбрале и кои имаат што да им понудат на граѓаните во услови на неисполнување на ветеното од досегашната локална власт имаат шанси за нов мандат“ – вели Јакимовски.
Поранешниот градоначалник на Карпош не крие дека постои можност повторно да се кандидира за иста функција. Тој не порекнува дека најголема грешка што во претходниот мандат ја правеле претседателите на општините е слепо следење на партиските инструкции и политика на централната власт, поточно, тие беспоговорно ја применувале, односно копирале на локално ниво.
„Од носење на одлуки без консултација со граѓаните до однесување на поедини градоначалници како локални шерифи. Со тоа, партиципацијата на граѓаните практично не постоела, а советите беа алатка на политичката партија или интересна група која е приврзок на власта и на градоначалникот за спроведување на нивната политика“ – вели Јакимовски.
Иако овие констатации важат и за времето на неговото претседавање со Карпош, во повторната кандидатура гледа можност за еволуирање и исправање на грешките.
„За жал, и со промена на власта, иако граѓаните очекуваа силни промени, оваа пракса и начинот на водење на локалната политика не е променет, тоа веројатно ќе се одрази и на резултатите на претстојните избори во одредени општини, каде што е евидентно лошото водење на локалната власт. Противењето на отворени листи и страв од поголемо учество на граѓаните во креирање на Советите покажува дека и двете најголеми политички партии се неподготвени да прифатат поголема партиципација на граѓаните, граѓанските организации и независните групи за креирање и спроведување на локалната власт и контрола и корекција на носење на одлуките во општината“ – изјави Јакимовски за ЦИВИЛ Медиа.
Малите против големите
ЦИВИЛ во континуитет укажува на слабостите во изборниот систем и активно учествува во изборните реформи. Извештаите, анализите и препораките на организацијата се земаат предвид, како од меѓународните мисии, така и од домашните институции. На бројните јавни настани на организацијата, меѓу најчесто повторуваните препораки се потребата од изработка на целосно нов Изборен законик, но и тоа дека во пресрет на изборните процеси не смее да се прават измени во законската регулатива, што е препорака и на ОБСЕ/ОДИХР.
Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, ваквите најавени измени се „огромен удар врз демократизацијата на општеството“.
„Измените сами по себе ги устоличува политичките партии како единствени актери во политичката игра и единствени кои би можеле да им дадат некаква понуда на граѓаните. Со самото ова, гласот на граѓаните како носители на суверенитетот, вклучително и суверенитетот на земјата, сериозно се подрива“ – вели Трошановски.
Малите парламентарни партии и граѓанскиот сектор застанаа против предлогот на поголемите парламентарни партии да се воведе изборен праг од 3 отсто од запишаните гласачи за влез на советници во општинските совети и 2 отсто од гласачите за поднесување на независни кандидатури.
Меѓу првите против ваквиот предлог застана и Павле Трајанов од Демократски сојуз. Тој за ЦИВИЛ Медиа изјави дека малите партии најавуваат амандмани, па дури и блокада на парламентот доколку на оваа тема се започне со расправата.
Во дебатите кои се отворија во јавноста зеде учество и претседателот на државата Стево Пендаровски кој изјави дека треба да се предвиди понизок праг со цел да се овозможи поголемо учество на граѓаните во изборниот процес, а дека измените на Изборниот законик треба да се донесат и во консултација со граѓанскиот сектор. Пендаровски предупреди и дека очекува да се почитува препораката на ОБСЕ/ОДИХР непосредно пред избори да нема менување на изборните правила.
Имено, во извештајот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за последните локални избори во 2017 година се наведува дека треба да се размисли за стандардизирање на потребниот број потписи за независни кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи во согласност со меѓународната добра практика.
На пример, на последните локални избори во 2017 година во избирачкиот список во град Скопје имаше запишани 461.312 гласачи, што според најавените измени би значело дека за некој независен кандидат да се натпреварува ќе треба да собере 9.226 потписи. Според постојните правила, за ваков потег досега беа потребни 1.000 потписи. За споредба, според Законот за политички партии, за да се основа партија потребни се потписи од најмалку 1.000 граѓани кои имаат избирачко право.
„Остра сабја“
Премиерот Зоран Заев ја расчисти неколку месечната дилема дали има или нема простор да се менува изборниот праг за собирање потписи. Како со „остра сабја“ тој во една од своите изјави (15 август 2021), ги пресече повеќемесечните дилеми во јавноста.
„Нема да има нови измени на Изборниот законик пред локалните избори на 17 октомври, иако партиите подолго време разговараа за нив“ – изјави премиерот Заев.
Повикувајќи се на разговор со претседателот на Собранието Талат Џафери, во кој претседателот на Собранието го информирал за последните измени поврзани со гласањето со отпечаток од прст и препораките на ОБСЕ/ОДИХР, премиерот Заев информираше дека законот ќе остане таков каков што е, за да нема замерки дека се прави нешто во „пет до 12, а притоа тоа би било само блокада на законското решение“.
Оние други измени кои останаа, како што кажа, а се по препорака на ОБСЕ, на опозициските партии и на дел од медиумите ќе останат да бидат вградени во Изборниот законик по изборите.
Трката започна
Во трката за советнички листи во општината Центар влегува и Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ предводена од поранешната претседателка на советот Јана Белчева Андреевска. Листата е составена од истакнати експерти и активисти од областа на животната средина, архитектурата, спортот, културата. Најважна заложба ќе им бидат чистиот воздух и достоинствено урбано живеење.
Претходно независна советничка листа за град Скопје најави и граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, предводена од поранешната функционерка на Левица, Драгана Велковска.
СДСМ најдоцна до 25 август, ќе ги соопшти кандидатите за градоначалници и советници за локалните избори.
Партиите ги кршат копјата и околу можните коалиции. Заев веќе имал средба со Мендух Тачи и со Билал Касами во врска со претстојните локални избори.
„Сите потврдуваме заедничко помагање, бидејќи сме коалиција на централно ниво, а убаво би било тоа да биде преточено и на локално ниво. Логично е коалициски да се поставиме, најголем дел ќе бидат коалициски настапи во првиот круг, 50 отсто, 25 или 30 проценти би биле во вториот круг и некаде по завршување на изборите ќе правиме повторно коалиција“, вели премиерот.
ДУИ и БЕСА веќе најавија дека ја очекуваат поддршката од најголемиот партнер СДСМ на локалните избори во Тетово, каде кандидати за градоначалници ќе бидат Теута Арифи од ДУИ и најверојатно Биљал Касами од БЕСА. Во однос на ова прашање, Заев смета дека е најдобро секој да излезе со свој кандидат во првиот круг, а потоа да се поддржи оној од коалицијата што ќе влезе во вториот круг.
На минатите локални избори СДСМ после пауза од 13 години успеа да направи целосен пресврт во структурата на локалната власт. Тогаш СДСМ ја доби довербата да управува во 56 општини (плус градот Скопје), ДУИ во 10, ВМРО-ДПМНЕ во 5, Алијансата на Албанците во 3, Беса, ДПА и Демократската партија на Турците во по една општина, и независни кандидати во три општини.
Дали владејачката СДСМ може да повтори таков резултат? Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, смета дека партијата е фаворит на изборите, и според рејтингот и според коалицискиот капацитет.
Истото го смета и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицковски, но за својата партија.
Денот на гласањето е за помалку од два месеци. Сепак, граѓаните се тие што ќе го кажат последниот збор.
Искуства од регионот и пошироко
Прагот за поднесување листи на кандидати за локалната власт во регионот и пошироко е шаренолик.
Споредбено, во Косово нема праг, во Црна Гора прагот е 08,8 отсто, во Албанија прагот е 1 отсто, во Србија за кандидатура потребни се 30 потписи, во Кипар и Малта се потребни само 4 потписи, а во Грција потребни се 12. Во Германија или Данска, околу 200 граѓански потписи се доволни да се поднесе кандидатура.