На 20 јуни се одбележува Светскиот ден на бегалците, нивната сила, храброст и упорност, како и пречките со кои се соочуваат секоја година, поради тоа што се принудени да ги напуштат своите домови за да се спасат себе и своите семејства. ОН и повеќе од 100 земји-членки, од 2001 година, го одбележуваат 20 Јуни како Светски ден на бегалците.
Тврдината Кале од вечерва до крајот на месецов ќе биде осветлена во сина боја во знак на солидарност со бегалците, како заложба на Министерството за надворешни работи и УНХРЦ, Агенцијата на ОН за бегалци, а со поддршка на Град Скопје.
Министерот Никола Димитров изјави дека осветлувањето на тврдината Кале е своевиден симбол на солидарноста и поддршката кон бегалците, кои се една од најранливите категории на луѓе на планетата и од кои половина се деца.
„Се надевам дека овој дух на солидарност ќе продолжи да живее кај нашите граѓани и ќе инспирира уште повеќе луѓе да ја изразат својата поддршка за бегалците. Ова е особено важно во време кога говорот на омраза и ксенофобијата создаваат вести. Сакаме да демонстрираме поинаков наратив – наратив на толеранција, на поврзаност, на заеднички вредности“, изјави Димитров.
Претставничката на УНХЦР во Северна Македонија, Моника Сандри, ги покани сите луѓе да покажат поддршка за луѓето кои немале друг избор, освен да избегаат од своите домови.
„Личниот пример е најсилниот придонес што можеме да го дадеме за да изградиме подобро и поинклузивно општество во кое никој нема да биде изоставен“, додаде Сандри.
A. П.