поентира: ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ
МАКЕДОНИЈА Е КАРИКАТУРА НА ДЕМОКРАТИЈАТА
Во оваа „правна“ држава СРМ изгледа не случајно поранешниот премиер беше осуден откако замина од власт, додека другиот се ослободи откако дојде на власт.
Сега, по сѐ изгледа, постои можност и судењата на СЈО да бидат „разрешени“ заедно со Катица Јанева.
Според тоа, испаѓа дека во право е познатиот хрватски интелектуалец Жарко Пуховски кој смета дека „Македонија е карикатура на демократијата на сите земји создадени на подрачјето на поранешна Југославија“.
ПОПРЕЧУВАЊЕ НА ПРАВДАТА СО ЗЛОУПОТРЕБА НА ФУНКЦИЈАТА
Грубо пројавување на попречување на правдата претставува случајот кога некој, злоупотребувајќи ја функцијата, на својот сопартиец му овозможува, како обвинет, да не се појавува на судско рочиште.
ПРЕГОВОРИТЕ ТРЕБА ДА ПОЧНАТ, НО НЕ ЗАТОА ШТО СЕ ИСПОЛНЕТИ КРИТЕРИУМИТЕ
Неочекувано, токму Едуард Кукан, после долго време, излезе да нѐ потсети дека „Северна Македонија со години наназад ги исполнува критериумите“ за отворањето на пристапните преговори.
Невозможно е г. Кукан да заборавил во која состојба дојде РСМ „исполнувајќи ги критериумите со години наназад“, кога се знае дека тој лично активно учествувал таа состојба да се надмине. Сигурно не заборавил што во своите извештаи напишаа г. Рајнхард Прибе и Питер Ванхауте за состојбата во која државата се најде во 2015 година и од која и ден денес сѐ уште не може да излезе.
За Албанија кажува дека „тие мора да спроведат огромна судска реформа“. Тие спроведуваат ВЕТИНГ во судството, па сепак не им помага многу.
Г. Кукан, Р.С. Македонија и Р. Албанија треба да ги почнат преговорите, не за тоа што со години наназад ги исполнувале критериумите, туку, напротив, за тоа што и со години нанапред, без директно учество и контрола на ЕУ, критериумите што се бараат, нема да ги исполнат.
ЗОШТО СЕ ПОТРОШЕНИ САМО 103,4 ОД 422,2 МИЛИОНИ ЕВРА ШТО СЕ НА РАСПОЛАГАЊЕ ЗА КАПИТАЛНИ ИНВЕСТИЦИИ?
По повод изборот на министер за странски инвестиции, потребно е да се каже дека истиот министер има можност и потреба да се ангажира и за координација и контрола на домашните капитални инвестиции, посебно на оние што се финансираат од буџетот.
Од поодамна е познато дека од година во година планираните капитални инвестиции тешко се реализираат. Пред некој ден, ДЗС објави податоци дека, заклучно со месец јули, потрошени се само една четвртина од парите предвидени за оваа намена (103,4 милиони евра), односно за патишта, канализации, енергетски објекти, гасификација и сл. За цела година има на располагање 422,2 милиони евра.
Минатата година ситуацијата беше скоро иста. Заклучно со септември беа потрошени само една третина од парите планирани за цела година. Заменик Премиерот Анѓушев при тоа објаснуваше дека интензитетот ќе се зголеми во текот на зимските месеци.
Ангажирањето на новиот министер и на оваа проблематика сигурно нема да влијае негативно во привлекувањето на странските инвестиции.
Треба да се истакне и тоа дека одговорноста за слабостите во реализацијата на капиталните инвестиции не треба да се бара во министерството за финансии, туку во ресорните министерства и други надлежни владини институции на кои, очигледно, им недостига потребниот административен капацитет.
ТАЛЕНТ
Не може никој да му го оспори талентот на тој во владата на Заев што го изумил називот “Министер без ресор: задолжен за регулатива за подобрување на инвестициска клима за домашните претпријатија”.
Сепак останува нејасно дали намерно странските претпријатија се оставаат да работат во неподобрена инвестициска клима. Или, можеби, Заев и за нив ќе најде некоја алтернатива од партијата АЛТЕРНАТИВА.
КОЈА БИТКА ЈА БИЕ ВМРО?
Исклучена е било која можност за било каков компромис со ДУИ и со ВМРО за закон за јавното обвинителство, доколку со него од натамошно гонење за криминал и корупција не бидат ослободени сите нивни членови. Оваа битка ВМРО ја бие, според премолчен договор, и за ДУИ, која и во Собранието и со своите судии повеќе пати ѝ се оддолжува.
МИНИСТЕРКАТА НЕ ЗНАЕ
Министерката не знае дека не е надлежна да дозволува и да не дозволува. Таа е должна да го извршува буџетот како што го усвоил Собранието.
илустрација: Винсент Ван Гог – „Стари чевли“ (1886)
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.