Комисијата за заразни болести денеска на состанок ќе одлучува за нови мерки. Министерот за здравство Венко Филипче вчеравечер изјави дека тие би вклучувале рестрикција на јавниот превоз, ограничување на работа на угостителски објекти, одредени економски субјекти, компании и секаде каде што се смета дека има ризик. Дел од мерките може да се таргетирани во некои општини, некои може да важат на територијата на целата држава. За воведување полициски час, рече, лично смета дека во овој момент е сè уште рано, но во даден момент и тоа може да биде предложено.
Проблемот со чекањето за тестирање на сомнителните и со симптоми треба да биде надминат со брзите тестови, во наредните денови се очекува донација од 7500, а ќе се набавуваат и со пари од заемот од Светска банка.
За училиштата засега не се размислува за предвремен зимски распуст, зашто е мал бројот на заразени деца во градинките и училипштата и во изолација се одреден процент. Но може, рече Филипче, да се смени функционирањето на наставата со физичко присуство за одредена општина или регион според епидемиолошката состојба.
Министерството за образование и наука вчера соопшти дека владината комисија која ги разгледува барањата од општините, дала согласност настава со физичко присуство да почнат 13 основни училишта, а одбила 25. Владата на седница завчера го усвоила извештајот на оваа комисија.