Во контекст на денешните пресуди во случајот „Рекет“ 9 години затвор за Бојан Јовановски – Боки 13 за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари и 7 години затвор за Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување, како и најавените тужби за двете пресуди од обвинителката Вилма Рсукоска, да се потсетиме и на улогата на еден друг обвинет и веќе осуден во овој случај – Зоран Милески Кичеец.
„Ја добивме „алката што недостасуваше“: човекот кој ја призна вината бил доверлив соработник на Мицкоски… Па, чекајте, нели Заев бил рекетарот?!
Тоа е сегашниот проблем на опозицијата: зацврстувањето на впечатокот дека, од почеток, се работи за класична полициско-партиска ујдурма. Нејзин резултат требало да биде не само претставување на наводно оштетениот во „Рекет“ како невин бизнисмен малтретиран од системот (ерго, на тој начин третиран и во друг судски спор што се води против него), туку и дискредитација на СЈО и рушење на Заев од власт“, не толку одамна за една поинаква правда во аферата „Рекет“ пишуваше Сашо Орданоски во колумната „И, сега, за чиј политички интерес рекетирал Кичеец?“, објавена на 11 мај 2020.
„Но, ваквото сценарио цело време стои на правни „кристални нозе“: во недостаток, како што се уверивме во судскиот процес, на уверливи материјални докази, сè е потпрено врз кредибилитетот и на обвинетите и на наводно оштетените и нивните спротивставени јас-реков-ти-рече сведоштва. Главниот (што би се рекло, “go-between”) оперативец во целата конструкција е токму Кичеец, кој побрза да ја признае вината и денеска шета на слобода“, го оцени случајот „Рекет“ Орданоски.
Кичеец по признавање вина за примање награда за противзаконито влијание доби пресуда од 3 години затвор на 4 декември 2019 година.