пишува: САФИТ ЗЕЌИРИ
Демократски е, но исто така и согласно Уставот и Законот за основање политичка партија, дозволено е да има голем број на политички партии во нашата држава, слично како и во регионот и пошироко. Секако дека не е спорно и од едно движење, идеја, организација, група, истомисленици и др. да се дојде до формирање на една мала партија која сака да порасне во голема.
Кај нас е малку различно, најпрвин поединци и група се делат од големите партии поради несогласувања, незадоволство и ред други причини, и така со потребните собрани потписи си формираат партија и ќе се потрудат да дојдат до гласачите, и на крај поради “неуспехот” за собирање голем број членови, да си коалицираат со големите партии и врз нивен грб да стекнат пратенички мандат. А понатаму сакајќи да се докажат пред гласачите, и пак да се испробуваат на избори, ќе се делат од нив, мислејќи дека ќе добијат повеќе и на крај не знаат каде да се жалат за поразот, барајќи ја вината пак кај победникот и некако се губат во сопствен лавиринт.
Се шират гласини, колку се точни не знаеме, слушаме и читаме дека помалите политички партии ќе се делат од коалициски партнери и ќе трчаат сами на локалните избори, нормално, пак да се покажат дека можат, а според сите резултати од повеќе изборни циклуси во Република Северна Македонија е докажано дека не можат да го поминат ниту “прагот”.
Која е нивната цел не ја знаеме точно, секој си има своја цел за да стигне до успехот. Идејата е нивна, сценариото исто, но прашањето е дали ќе се успее или не. Секако дека никој не ги успорува, а најмалку ќе земеме за право да им кажеме дека не треба така да постапат. Македонија е демократска земја и се почитуваат демократските вредности на секоја политичка партија, нивните членови, симпатизери итн. Граѓаните, односно гласачите се тие што на денот на изборите ќе го дадат својот глас, и Државната изборна комисија по добиените конечни резултати ќе ги објави победниците на градоначалничките места и листите на советот.
Фер би било после изборите да се пребројат меѓу себе, и потоа дали пак да коалицираат за наредните избори или да стават клуч на “вратата” партијата. Поради тоа што имаме често избори и знаеме од резултатите и аналитиката, кој што и до колку може да стигне и да придонесе.
Да се потсетиме дека, внатрешната политика е специфична употреба во контекст што подразбира дека секогаш има многу повеќе од она што го исполнува окото.
Најдобро би било, и очекуваме сите, особено, да заврши барем еднаш еден комплетен четиригодишен мандат на Власта, за народот после тој поминат мандат да видат колку е постигнато од програмата. А дали ќе се поддржат или не на следните избори, тоа е веќе друго прашање.
Многу прашања остануваат нерешени и секогаш се крати програмата на партиите победници, без да го завршат мандатот поради барањата за предвремени парламентарни избори. Исто така за буџетот на државата е голем терет, а не е веќе фер за нас да не дојдеме на почетната плата од 500те евра.
А ние некако се изморивме од избори и веќе е ред еднаш да се дојде до исполнување на ветеното.