ЕРОЛ РИЗАОВ
Не велам дека новинарите треба да бидат заштитени како мечки и недопирливи. Но кога во наезда на лаги и премиери кои лажат штом зинат, и тужат новинари со најавени закани, тогаш тоа е многу посериозна дијагноза за општеството во кое живееме.
Кога ВМРО-ДПМНЕ и нивните челници тужат и судски гонат новинари има во сите случаи еден заеднички доказ кои судовите не го земаат во предвид.
Вмровските премиери и функционери не ги тужат уредниците и новинарите кои се фабрики за производство на лаги и дезинформации. Тие се насочени кон влијателни новинари и медиуми кои професионално работат и објективно ја информираат јавноста.
Застрашувањата и пресудите со парични казни за пренесен текст од друг медиум, како во случајот на колегата Џабир Дерала, е само уште еден доказ дека повторно Македонија ќе се најде на црната листа меѓу азиските и африканските диктатури.
Самата јавна закана и најава на тужба на премиер или висок функционер ја дисквалификува тужбата.
За жал, колега, ние сме во вукојебина каде што примитивизмот и стравот се најдобро тесто за месење на јавноста. Молчењето не само на медиумите и медиумските асоцијации, јавни личности, интелектуалци – јасно покажува дека Македонија е во полоша положба од авторитарен систем. Влеговме во фаза на режим.
Остануваме да си ја работиме работата додека нè држи мислата. Еднаш реков дека, ако нема каде да пишувам, ќе пишувам по тараби.