пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Веќе предолго живееме во општество каде што криминалците (мултимилионери и милијардери) зборуваат за правда, користејќи ги истите изрази што, всушност, важат за нив, што ги слушнале и прочитале во обраќањата до нив. Тврдоглаво и без трошка срам, тие ќе направат сѐ, само за да победат во битката со вистината. Ова е време кога криминалците не штедат пари да ја поткопаат секоја надеж дека ќе се врати владеењето на правото. Пресудно е да се убие надежта кај противникот. Во случајов, противник е надежта дека животот може да биде подобар и поквалитетен и дека правдата и правото се можни.
Кога некој сака да ја попречи правдата, секогаш најпрво посегнува по правото. Се разбира, на крајно манипулативен начин. Примената на правото преку неговите дупки и недоследности (често намерно креирани) им служи на криминалците да ја избегнат правдата.
Кога правото не се применува или се применува отежнато, па и селективно, се активираат медиумите и социјалните мрежи. Во името на криминалците, медиумите и троловите и тужат и судат, а на крајот, тие се и џелатите. Главна цел на криминалците и злосторниците е да се прикажат себе си како жртви, а тие од кои се гонети, да ги прикажат како криминалци. Од суптилни до директни и вулгарни, насилнички и воинствени, нападите врз правдата се насочени кон луѓе, поединци и групи, со цел да се поткопаат институциите, да се уништи нивниот углед, да се предизвика гнев кај луѓето, да се создаде слика дека „сите се исти“, за постепено да се изгради имиџ на жртва, а не на злосторник.
Така и Сталин, а пред него и Хитлер и Мусолини, успешно одглумија жртви пред својата јавност, за потоа да извршат невидени злосторства против човештвото. И Слободан Милошевиќ го заврши својот говор на Газиместан (28 јуни 1989) со зборовите: „Да живее Југославија! Да живее мирот и братството меѓу народите!“ Неговиот говор често се означува како почеток на крвавиот распад на југословенската федерација. И Путин е, „кутриот, жртва на злиот Запад“, иако никогаш не објасни како тоа милиони млади Руси сонуваат да заминат кон земјите на злото, а никој од таму не сака да се насели во Русија. И Башар ал Асад, сирискиот крвник, е „жртва“ на нападот од западните империјалисти, а неговите војски и полиција, заедно со руската армада, „не му направија ништо лошо“ на сирискиот народ. Напротив, сите тие се жртви, па и невини, искрени и посветени борци за правда.
Така и Мицкоски и компанија се „жртви“ на „хунтата“ (опис на неговата партија кога беше на власт) на Заев. Иако е кажано безброј пати до сега, се прават глуви и продолжуваат со кражбата и замената на тезите, паралелно со брза инфилтрација насекаде во системот и во јавноста. Слушајќи и читајќи ги хистеричните напади што ги изведуваат оние што се борат против правдата, а воедно и против македонските стратешки интереси, лесно ќе се забележи дека буквално секој збор е украден од извештаите и пораките кон нив во 11-те години страховлада на криминалната Фамилија.
Така и поткупувачот Јордан Камчев испадна дека е жртва на „рекет“. Жртва е и азилантот од Будимпешта кого неговите најблиски соработници и членови на Фамилијата го нарекоа кукавица и криминалец… Сите тие се жртви. Воедно, ако не може да се прикаже како неспоредливо полоша, тогаш сосема доволно е ако успеат сегашната власт да ја прикажат барем како „иста“. Евтино, но им поминува…
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.