Музичарот Златко Ориѓански ги обвини иницијаторите на петицијата против Бени Шаќири за директор на МКЦ, дека го злоупотребија името, односно потписот на режисерот Слободан Унковски. Tој напишал: „Слободан Унковски не е потписник на петицијата на МКЦ. Лажговци!“
Џелал Хоџиќ во својата колумна пишува дека отвореното писмо од „независните уметници“ до премиерот Заев е проблематично по повеќе основи, спорек кого „видовме еден примитивен напад врз Арбен Бени Шаќири“.
„Потписниците на вчерашното отворено писмо, кое се претвори во хајка против Бени Шаќири, се и Уранија Пировска и Павлина Симоноска. Покрај имињата на Уранија и Павлина стои дека тие се од Хелсиншкиот комитет. Да беа само нивните имиња и презимиња потпишани како поддршка на текстот, немаше да има ништо спорно, но тоа очигледно било малку, па го додале името на организацијата во која работат, Хелсиншкиот комитет. За ваша информација, јас сум долгогодишен член на Собранието на Хелсиншкиот комитет, Уранија како директорка до вчера ја почитував и мислев дека делиме ист систем на вредности. Денеска давам неотповиклива оставка од членството во Собранието на Хелсиншкиот комитет, а останатите членови на Собранието ги повикувам да размислат дали ќе побараат образложение и одговорност од Уранија, што дозволила кредибилитетот на Хелсиншкиот комитет да биде искористен во одбрана на фотељата на Русе, како и во хајката против Бени Шаќири“, пишува Хоџиќ.
Вчера, поголема група културни работници, но и претставници на медиуми и граѓански организации, испратија отворено писмо до премерот Зоран Заев во кое се противат на најавените промени во управувачката структура на Младинскиот културен центар во Скопје.
Под писмото се потпишани голем број независни уметници, културни работници и организации, во кое, меѓу другото, се вели: „Максимално ја поддржуваме потребата за прочистување и подигање на квалитетот на кадарот по државните и локални институции, кои очигледно се на мета на вашата популарно наречена „метла” и веруваме дека тоа го правите со желба за суштинско подобрување на ситуацијата во повеќето од нив. Но, во овој случај чувствуваме граѓанска одговорност да Ви укажеме на сериозните негативни последици по кревкото битие на живата, автентична независна култура, до кои секако ќе дојде доколку го нарушите континуитетнот на работа на Младинскиот културен центар во Скопје“…
Меѓу потписниците се повеќе лидери и членови на невладини организации кои и не морале да ја потенцираат организацијата од која потекнуваат, освен ако за тоа не постои инститтуционално решение на раководните структури, што во случајот со Хоџиќ, изгледа дека изостанало. Со други зборови, не е јасно дали поддршката на оваа петиција е од, да речеме, целиот Хелсиншки, или тоа е некоја грешка, намерна или ненамерна, но секако изгледа како злоупотреба и своевиден притисок.
Најсимптоматично со овој јавен притисок врз институциите, кој се спроведува преку директна дискредитација на рок музичарот Бени, е тоа што не се работи за смена на раководен кадар, туку за постапка за избор на директор на МКЦ во која и сегашниот в.д. директор може да се појави како кандидат. Да не говориме за фактот дека, со оваа кампања, практично се уништува самата постапка и се дискредитираат луѓе кои со ништо не го заслужиле тоа.
Д. М. / ЦИВИЛ