На социјалните мрежи и во дел од медиумите се шири дезинформација дека е можно Хрватска да и стави вето на нашата држава за отпочнување на преговорите со ЕУ, поради, како што пишуваат „обидот за прикривање“ на убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот во Скопје.
Интернет порталите Vecer.mk и Expres.mk повикувајќи се на анонимни (претставници на хрватските власти) пишуваат дека Хрватска очекува да се казнат убијците, но и тие што се обиделе да го сокријат убиството, во спротивно може да го употреби механизмите на ЕУ од поглавјето кое се однесува на „Правда и внатрешни работи“ а во најлошото сценарио да и се придружи на Бугарија во ветото за почеток на македонските преговори со Европската унија, поради, како што пишуваат горенаведените медиуми „Скандалозната реакција на МВР во првично објавените информации за смртта на хрватскиот ракометар Денис Тот во Скопје“.
Овие два портали објавиле ист текст само со различни наслови, односно информациите ги добиле од наводни анонимни претставници на хрватските власти.
Амбасадата на Република Хрватска во Република Северна Македонија, за ЦИВИЛ Медиа вели дека од првиот момент кога ја добиле веста за страдање на хрватскиот државјанин, ракометарот Денис Тот, Амбасадата на Република Хрватска во Скопје е во контакт со сите надлежни институции на Северна Македонија и Република Хрватска и информациите од наведените извори ги сметаат за единствените релевантни информации.
„Наводите во медиумите не ги коментирав, па така не би сакала да ги коментирам ниту овие што се појавија во медиумскиот простор на Северна Македонија“, вели амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ, за ЦИВИЛ Медиа.
Дезинформацијата за „можно вето од Хрватска“ се прошири и на Твитер, односно профилот „Вампирка“ објавила статус дека „сè што треба да знаеме за нашава црна дупка е дека Хрватска ќе ни стави вето за влез во ЕУ ако не се казнат сторителите за случајот со Тот“. Оваа (дез)информација ја слушнала на радио додека одела на работа.
Дел од Твитер заедницата ја разобличија дека шири лаги и дезинформации. Прво твитер налогот Вампирка тврдеше дека за можното вето од Хрватска слушнала на Радио Бубамара, а потоа како доказ го споделуваше текстот од Exspres.mk кој нема импресум, односно нема автор на текстот.
Оваа дезинформација има над 130 споделувања и речиси 700 допаѓања, од симпатизери на опозицијата.
Одредени структури за жал се обидуваат да профитираат од убиството на младиот хрватски ракометар Тот, преку ширење на дезинформации и лаги со цел да се дискредитира власта. Дезинформациите носат краткорочен профит, но последиците може да бидат долгорочни.
Дехран Муратов