СОТИР ГАБЕЛОСКИ
Моментите на одлука за ветото од Бугарија многу јавни личности и политичари го користат за политичка промоција и бенефит. Единствено прашање е како сите тие би се снашле во овие години на преговори со Грција, па со Бугарија, влијанија Исток и Запад, плус коронавирус, енергетска криза и војна во Украина.
Кој му го мисли арното на Македонија е тешко да се каже. Но, во едно можеме да бидеме сигурни, а тоа е сите оние кои сега јавно го „советуваат“ Ковачевски всушност користат прилика да се „протнат“ чекор погоре во нивната политичка кариера.
Сега сите се обидуваат преку „тврда“ реторика да се покажат како храбри и херои, а во суштина не се ништо повеќе од Левица – само „солење памет“, а конкретна активност – слабо.
Во постигнувањето на Договорот од Преспа СДСМ покажа исклучителна отвореност и транспарентност. Граѓаните беа информирани за секоја фаза од процесот, па дури и бевме запознаени со предлогот „Илинденска Македонија“. Сега, процесот со Бугарија е исто така транспарентен, а чекорите на Владата се пресметливи и во ниту еден момент не се брза со јавна реакција која може да наруши на кревките односи и целосниот процес. Да не заборавиме дека во „бомбите“ слушавме како претходната владата зад грбот на јавноста си кокетираше со имиња на државата како да се зборува за име на ново домашно милениче.
Во меѓувреме, јавниот простор станува жежок, нетрпеливоста расте и (полу)информации доаѓаат од сите страни. Она што најмалку можеме да го направиме е да се обидеме вистинските информации да стигнуваат до мнозинството граѓани и да не долеваме само масло на огнот преку јавни ставови кои всушност имаат тесен политички контекст.
Има време за политика, време сите да покажеме државност.