Француската министерка за надворешни работи Катрин Колона, во говорот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, изјави дека Русија мора да престане да ги блокира украинските поморски пристаништа бидејќи тоа може да доведе до глад во светот, пренесува Укринформ.
„Русија мора да престане да си игра со гладта во светот“, рече шефицата на француската дипломатијата. Таа исто така нагласи дека „Русија мора да престане да ги блокира украинските пристаништа и да ја уништува инфраструктурата за складирање во Украина“.
Според министерката, Франција силно ги поддржува напорите на генералниот секретар на ОН и посебната улога на Турција за изнаоѓање договор за олеснување на извозот на жито од Украина преку Црното Море.
„Постојат многу ризици дека украинското жито ќе остане блокирано; тоа е опасно за глобалната стабилност“, рече Колона.
Таа истакна дека прашањето за деблокирање на извозот на украинското жито ќе биде во центарот на преговорите меѓу министрите за надворешни работи на ЕУ.
Од 24 февруари, кога Русија започна целосна воена инвазија на Украина, како резултат на непријателствата во украинските пристаништа блокирани се повеќе од 20 милиони тони жито, од кои голем дел беше наменет за Светската програма за храна на ОН.
Европската унија создаде таканаречени „солидарни коридори“ за извоз на украинско жито по копнен, железнички, патен и внатрешни водни патишта, но овие итни мерки не можат целосно да го решат проблемот. ЕУ ги поддржува напорите на ОН за изнаоѓање дополнителни начини за деблокирање на украинските пристаништа и обновување на трговијата преку црноморските патишта.
Подготви: Д.Мишев