Порталот „Коловрт“ и неговата Фејсбук страница на 14 декември 2021 во рубриката „технологија“ објавија текстот со наслов: “ЖИГОТ НА ЅВЕРОТ” И ЗА ДЕЦА – БИЛ ГЕЈТС САКА ДА ИМПЛЕМЕНТИРА ПЕЧАТ СО НЕВИДЛИВО МАСТИЛО И ЗА НАЈМАЛИТЕ . Се разбира, објавата не содржи никакви технолошки информации, туку теории на заговор и дезинформации.
„Само неколку месеци пред јавното откривање на корона вирусот во Вухан, научниците од Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) објавија дека е завршена технологијата за „тетовирање на печати“ (“жиг на ѕверот?!”), што би ги следеле нивните евиденции за вакцинација на децата“, се вели во објавата.
Но, теориите на заговор кои ги објави „Коловрт“ и на Фејсбук страницата на порталот дека вакцините се „жигот на ѕверот“ (израз во христијанскиот Нов завет) не се нови, туку стари неколку столетија, уште откако успешно се применуваат вакцините против сипаници, кои оставаат физичка трага. Овие теории „воскреснаа“ со пандемијата, а главна мета им е милијардерот Бил Гејтс, кој без никакви докази се обвинува дека ја користи пандемијата и вакцинацијата за да имплантира кај луѓето и децата чипови, кои се толкуваат како сатанистички белези – „жиг на ѕверот“.
Негативниот ефект на ваквите дезинформации и теории на заговор не е за занемарување затоа што анкетите покажуваат голем процент на испитаници кои веруваат дека Бил Гејтс е поврзан не само со планот за користење на вакцинацијата за имплантирање микрочипови кај луѓето, туку и со создавањето и ширењето на коронавирусот. Тоа се гледа и од протестите против вакцинација ширум светот, каде што се користат плакати и слогани против Бил Гејтс.
Вакцините против Ковид 19, како и тие против сипаници, немаат никаква врска со митот за „жигот на ѕверот“. Нема никакви докази дека некој се обидува преку вакцините да имплантира микро-чипови. Но, има сериозни докази дека ваквите теории на заговори и дезинформации се штетни не само по менталното, туку и по физичкото здравје во општествата, доколку се инфицираат со нив.
Автор и водител: Петрит Сарачини
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Стручен соработник на сценарио: Жарко Трајаноски