Книгата „Протест(и) е заедничко дело на фотографот Александар Кондев и авторот Златко Теодосиевски и во неа се сместени фотографии и текстови настанати во времето на Шарената револуција.
„Основно мото ни беше, материјалот во тоа време кое е автентичен да го собереме по принципот на историска граѓа за читателите да создадат сопствено мислење, а не како наметнат коментар. Тука се опфатени сите протести од Шарената револуција, но и протестот што доведе до ударот на Собранието на 27 април“, нагласи Александар Кондев во изјава за ЦИВИЛ Медиа.
Тој вели дека фотографиите имаат за цел да ја покажат внатрешната страна на протестите, односно да ги покажат луѓето, нивните реакции, социјалната припадност, паролите…
„Првиот фронт од протестите е службен, односно таму се новинарите, меѓутоа повеќе ќе научите од протестите помеѓу луѓето отколку пред луѓето“, потенцира Кондев.
Тој вели дека беа воодушевени дека Македонија има демократски капацитети, проблемите кои се наталожија со децении да ги решава на мирен, културен и европски пат и политички ефикасен метод.
„Денес сум малку разочаран, бидејќи како да почна да се заборава Шарената револуција која не беше ни „лева“ ни „десна“, туку беше граѓанска која бараше правда, ефикасен судски систем, некорумпирана власт и бараше слобода за граѓаните“, истакна Кондев.
Книгата Протест(и) е финансирана од Фондацијата Отворено општество – Македонија и Министерството за култура во тираж од 150 примероци кои нема да се продаваат, туку бесплатно ќе се делат на граѓаните.
текст, камера и фотографија: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети